Николоски: Власта мора да одговара за скандалот со олигархот Онишченко

Не смее без одговорност да помине големиот скандал со украинскиот олигарх Олександар Онишченко кој доби македонски пасош и е на црната листа на САД. Според потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски виновни за ова биле СДСМ и ДУИ, но и првиот човек на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски, зашто не направиле соодветна проверка при издавање на државјанството.

  • Првата за која што оди во јавноста од вчера е дека тоа не е одговорност на директорот на АНБ, туку на некојси секторски началник, што е апсолутно неточно затоа што одговорното лице е секогаш оној кој што го води соодветниот орган. Дополнително, образложенијата дека требало да се искомуницира со една или со друга организација не држат затоа што при издавање на државјанство има јасна процедура како треба да се направи. Значи уште од 2016 година Украина го бара и бара испорачување на ова лице и ова лице можеби затоа побарало македонски пасош со цел да не биде екстрадирано во Украина и да не одговара за злоделата кои што ги направил таму или криминалот кој то го направил таму, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Николовски предупредува дека проблематично е што ова не бил единствен сомнителен случај. Претходно, покрај случајот со украинскиот олигарх, МВР набавило информациски систем од компанијата „Инфинити“ која што е на црната листа на САД и е во сопственост на синот на Милорад Додик, исто така на црната листа на САД.

  • Стана навика на оваа власт да соработува со лица кои што се на црната листа на САД, па покрај актуелниот случај со украинскиот олигарх да потсетам дека пред скоро време МВР набави еден огромен информациски систем од компанијата „Инфинити“ која што е на црната листа на САД и е во сопственост на синот на Милорад Додик кој што исто така е на црната листа на САД. Така што стана навика за безбедносните структури во државата предводени од СДСМ и од ДУИ, министерот за внатрешни работи, директорот на АНБ да соработуваат со лица кои што се  на црната листа на САД во исто време кога претседателот на Владата секој ден води кампања која што веројатно му ја напишал некој, колку што знаеме странски ПР експерт кој што скапо го плаќаат во која што тој се преставува како прозападен, а ВМРО-ДПМНЕ сакаат да го престават како анти-западно. Епа тој прозападниот соработува и дели државјанства кои се на црната листа на САД, додаде Николоски.

Без да прецизира од кого, дека мора да има одговорност за случајот „Онишченко“, изјави премиерот Димитар Ковачевски. Рече дека бил огорчен од тоа што лице од црната листа на САД добило наш пасош. Бара сеопфатна внатрешна истрага во АНБ за расветлување на овој голем скандал.

Одговарајќи на новинарски прашања, Ковачевски истакна дека не е само непријатно изненаден, туку и „огорчен од начинот на којшто лице што е на црната листа на Соединетите Американски Држави, наш стратешки партнер, ги има добиено  сите позитивни мислења за добивање државјанство на С. Македонија.

  • Обврска на Агенцијата на национална безбедност е да спроведе сеопфатна истрага, внатре, во своите редови, во однос на тоа како е спроведена постапката и за тоа да ја информира Владата, секако на затворена седница, бидејќи се работи за сензитивни информации, рече Ковачевски.

Онишченко не е прв и единствен сомнителен случај кога македонските патни исправи се во прашање. Пред две години силно одекна скандалот дека македонските пасоши со туѓ идентит добиле светски барани криминалци, обвинети а дел и осудени за трговија со дрога, меѓу кои беа Седат Пекер, Јован Вукотиќ, Валид Иса Хмаис, Флоријан Мусаи, Стефан Ѓулиќ и Жељко Бојаниќ.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста