Николовски: Платежните картички ги изгубив во Брисел, не знам колку пари имам на сметка согласно зголемувањето

Ги загубил платежните картички во Брисел и затоа не знаел колку пари добил од државата. Министерот за земјоделство Љупчо Николовски Николовски се чини го даде најоригиналниот одговор на прашањето колку му изнесува платата со последното зголемување од 78%. Наместо да ја удостои јавноста со одговор за нешто што не смее да биде тајна, министерот се правда, но вели кога ќе дознаел ќе ни соопштел.

  • Платежните картички ги изгубив во Брисел, и не знам колку пари имам на сметка, односно не знам колку плата добив, рече министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, ама затоа новинарите на денешниот настан предложија за него да отворат солидарен фонд. Но тој кажа „Не мора“.

Николовски не е единствениот владин претставник кој јавно одбива да каже колку му изнесува платата. Претходно и други министри во тимот на Ковачевски бараа разни изговори. На пример министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека не бил на училиште па да дава одговори на вакви прашања.

  • Не сме на училиште да ти кажеме сите, ќе се обратиш на Влада и ќе ти кажат“, рече Крешник Бектеши.

Бесими единствено што кажа е дека 1.600 функционери ќе имаат покачени плати. Функционерите добија повисоки плати за речиси 1.000 евра.

  • Се работи за 1.600 функционери. Законот опфаќа судии, обвинители, градоначалници, директори. Многу широк опфат“, рече Бесими.

Вицепремиерот Артан Груби исто така одби да каже конкретно, но се пожали дека многу повеќе заработувал кога не бил функционер. Вицепремиерот се пожали дека, и покрај покачувањето, и натаму има ниска плата. Новинарите инсистираа, но тој не ја кажа сумата иако, според пресметките, таа изнесува 125 илјади денари. Посочи дека одлуката на Уставниот суд е во ред.

И за министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски прашањата на јавниоста околу неговата нова повисока плата не значеа ништо:

  • Значи не е исплатена, не знам. Немам поим ќе видиме кога ќе стигне, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Пресметките покажуваат дека само за нето плати плус придонесите за 20-те членови на Владата, ќе бидат исплатени речиси 750.000 евра, а само за премиерот државата ќе плаќа околу 47.000 евра годишно.

  • Треба да се почитува, со оглед на тоа што одлука на Уставен суд е конечна, рече премиерот.

За министерот за внатрешни ќе се плаќаат блзу 46.000 евра. Кога на 750-те илјади евра за првите луѓе во Владата, ќе се додадат и годишните плати на собранискиот спикер и македонскиот претседател, сумата надминува и 850 илјади евра. За Талат Џафери и Стево Пендаровски ќе се одлеат речиси 50.000 евра годишно.

  • По ново 165 илјади, по старо 93 илјади, тоа го објавија сите медиуми, рече претседателот.

Поголеми плати ќе земаат и пратениците, директорите на јавните претпријатија, советниците во општините, судиите, јавните обвинители, сите кои се опфатени со одлуката на Уставен.

Инаку, од месецов околу 1.000 функционери добија зголемени плати за април, а граѓаните тоа годишно ќе ги чини над 15,5 милиони евра.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста