„Никола Вапцаров“ ги зовре страстите во Бугарија: Фашистичките соработници не беа проблем, ама проблем стана македонски поет

Докажаните соработници на фашистичкиот режим Ванчо Михајлов и Цар Борис Трети не се никаков проблем за Бугарите, затоа поетот Никола Вапцаров ги зовре страстите. Не смеело да се дозволи отворање на културен клуб именуван по овој македонски поет. Оваа порака пристигнува од бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски.

-Недопустливо е во срцето на Пиринска Македонија да биде отворен клуб кој ќе сее сепаратизам и антибугарски тези. Потсетувам дека против тоа се изјасни и Советот на Општина Благоевград, кој донесе декларација за оваа тема, напиша Џамбаски.

За Џамбаски проблематично е и што на отворањето на „Никола Вапцаров“ ќе присуствува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, велејќи дека често манифестирал антибугаризам.

-Се сеќавам на неговите зборови дека Договорот за пријателство, добрососедство и соработка е „отровен плод“, како и неговиот став за отфрлање на Договорот од страна на Македонија. На неговите антибугарски манифестации можеме да ја додадеме и поддршката за сторителот на палењето на бугарскиот културен клуб Иван Михајлов во Битола, како и многу други, напиша Џамбаски.

На овие зборови на Џамбаски реагираше Мицкоски, не ширеле антибугаризам, туку целта е да се испрати порака дека Македонците во Бугарија имаат поддршка од својата татковина.

-Немаме ние антибугарско расположение, ние имаме промакедонскот расположение, очекувам да помине во духот на пријателството помеѓу двата народи, македонскиот и бугарскиот. Одиме таму да ги поддржиме нашите во Бугарија, да дадеме поддршка како ВМРО-ДПМНЕ, јас како претседател на најголемата политичка партија, да ги охрабриме дека нивната матична држава Македонија стои зад нив, изјави Мицкоски.

На отворањето на македонскиот културен клуб во Благоевград, иако поканет нема да присуствува премиерот Димитар Ковачевски. Покана беше испратена и до бугарскиот технички премиер Галаб Донев, но тешко е да се очекува дека тој ќе се одважи, со оглед на ставот на Бугарите, дека не постои македонско малцинство во Бугарија не постои.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста