Не трпете, пријавете го насилникот! Апел од жртва која се уште нема заштита од државата

Цели осум години секој ден со клоци, тупаници, расправии. Тортурата и шамарите биле подносливи се до оној момент кога главата на Ана и останала на нејзините рамења бидејќи насилникот дома промашил при замавнувањето со секира.

Се скаравме за 20 евра, јас немав да му дадам, дојде дома пијан. Стравував за својот живот и за животот на моите деца. Тогаш решив да бегам да спасам глава, вели жртва на семејно насилство.

Оваа жена е мајка на две малолетни деца коja со години трпела котеќ и изживување од пијаниот сопруг во Косово. Таа е дете од дом за деца без родители и пеколот морала да го живее бидејќи немала каде да се врати во Скопје. Една вечер пијанството дома ескалирало и таа успеала да го земе само едниот 6 годишен син и да избега од Косово трчајќи преку ниви и поминувајки нелегално преку граница.  Без ниту еден документ со себе, таа во Скопје бара помош и е сместена во шелтер за жени.

Денеска се поминати неколку години од нејзиното бегство, таа се уште се бори за да се разведе од поранешниот сопруг заглавена во косовскиот судски систем и да си го земе и другото дете.

Во Македонија не остварува ниту едно право на социјална заштита, вредно работи да се издржува себеси и детето, а од министерката добила ветување дека Центарот за социјални работи ќе направи напор со разводот и со видувањето на детето, па потоа како дете без родители ќе и се додели социјален стан. Апелира до сите оние кои живеат со насилство дома, да не се плашат и пријават бидејќи само така може да се затвори кругот на насилството.

Не трпете, немолчете пријавете го, без разлика дали имате некој или немате. Институциите, државата некој ќе ви помогне , вели жртвата.

Судбината на оваа жена чиј идентитет од оправдани причини не го откриваме ја делат многу жени во земјава. Откако Македонија ја ратификуваше Истанбулската конфенција во 2018 година според Националната програма за нејзино спроведување, Министерството за труд и социјална политика воспостави 10 советувалишта за жртви во седум плански региони, а од граѓанскиот сектор отворени се уште 5. И не само за жените жртви туку и за мажите насилници, Министерството отвори уште 8 советувалишта. Но, според статистиките и изворите на Алфа, на терен советувалиштата на министерството не функционираат. Насилството во македонските домови расте, со оглед на статистиката на Министерството за внатрешни работи. Минатата година над 6000 лица пријавиле семејно насилство, но само 1117 насилници заработиле кривични пријави, 366 лица поминале со прекршочна пријава,  а останатите неколку илјадници се решени како пријавени поплаки за семејно насилство. За разлика од 2021 и 2020 година и покрај големиот број на советувалишта на ниво на цела држава, минатата година има најмногу пријави за семејно насилство.

Паула Костадиноска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста