Не треба да се очекуваат пониски цени на месото и месните преработки

Џабе се субвенциите за поевтина струја за прехранбените фирми. Не треба да се очекуваат поголеми поевтинувања на производите од сегашните – велат од месната индустрија. Од компанијата „Пекабеско“ која денеска ја посети премиерот, велат дека нивните месни преработки во просек поевтиниле за 8%. Сепак, ова бил максимумот. Трошоците за суровини и работна рака биле превисоки, па натамошни намалувања на цените засега не биле можни.

Месната индустрија во скоро време нема да ја дочека ниту мерката за укинување на царински давачки за увоз на замрзнато свинско месо. Од Владата денеска добиле директен негативен одговор на ова барање на месната индустрија. Причината била тоа што во буџетот едноставно немало пари за оваа намена.

Министерот за економија Бектеши вели дека се разгледуваат сите опции за основните производи дополнително да поевтинат, меѓу нив и за замрзнување на цените. Засега ограничувањето на маржите давало резултати. Вели никогаш не ветиле дека цените ќе се вратат на нивоата пред една година, туку на оние од пред неколку месеци.

„Ние никогаш не сме кажале дека ќе се вратиме на цените од пред една или две години. Сме кажале дека ќе има намалување на цените од септември/октомври од 7 до 12, 13% на одредени производи, како што веќе го има кај некои. Правиме различни мерки за да им излеземе во пресрет на компаниите за да ги намалат цените. Не зборуваме за увозни производи, туку само за домашните“ – рече Бектеши.

Кога преку субвенции ја поевтини струјата за прехранбените компании, Владата најави поевтинувања за 5 до 12%. Ефектите засега се минимални. Има некои поевтинувања, кои се далеку од ветувањата. Притоа инфлацијата, падна минимално во ноември и декември. Државната статистика измери инфлација од 14,2%. Храната за една година поскапела за над 20%. Лебот се продава за 40% поскапо, исто како и млекото, сирењето и јајцата, додека месото поскапело за 28, а маслото за јадење за 23%.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста