Неписмен човек е подобро, отколку накриво научен“ – експертите реагираат откако МОН го повлече спорниот учебник по историја на крајот на годината

Со повлекувањето  на учебникот по Историја и општество за 5 одделение, пред самиот крај на школската година, министерството  само  го докажува несериозниот пристап кон воспитно-образовниот процес, остро реагираат експертите кои работеа на забелешките кон спорниот учебник, откако Алфа вчера објави дека директори на основни училишта добиле налог да го повлечат од употреба. Од Здружението на историчари посочуваат дека уште во декември поднеле барање за  повлекување, но МОН по шест месеци одлучи да го повлече спорниот учебник. Со ова се нанесуват непроценливи штети и негативно ќе се одрази врз развојот на учениците.

„Неписмен човек е подобро, отколку накриво научен. Оној што е апсолутно неписмен сепак има шанса да научи, а оној што е накриво научен во суштина му ја одземате шансата понатаму да се развива правилно, бидејќи онаа основа што сте ја ставиле не е соодветна и врз неа ништо не може да се надргади„ изјави историчарот Васко Гичевски.

  За учебникот се изработени 30страни со забелешки, а се надминати и законски дозволените 30% грешки или отстапување во самата програма. Учениците мораа да учат дека источен сосед ни е Албанија, а западен Бугарија и дека Марија Кири е добитничка на две Нобелови награди за наука, иако такви не постојат. Со овој учебник државата фрли во оган над 14.800.000денари.  

  „Целиот учебник, сума сумарум е ужас во боја. Досега не се случило барем јас како што паметам, еден учебник да биде комплетно повлечен заради грешки. Досега имало парцијални повлекувања , но целосно да биде повлечен учебник по Историја не се случило„ изјави историчарот Васко Гичевски, од Здружението на историчари.

Од Здружението на историчари остануваат на ставот дека предметот Историја во шесто одделение треба да остане како посебен предмет.

   Очигледно ова школска година петооделенците го носат најголемиот терет во воспитно-образовниот процес. Пред самиот крај конечно добија учебник по Македонски јазик, но останаа без учебник по Историја и општество.

Александра Ристеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста