„Неписменоста е полош вирус“ – расте револтот кај учениците и родителите, утре протести во Скопје

Први септември, наместо во училишни клупи, учениците ќе го дочекаат на улица. Расте револтот кај младите поради задоцнетата одлука за онлајн настава, која се чекаше со месеци. Учебната година ќе ја почнат на први октомври, но во нивните домови. Утре ќе излезат на улица, да ги бараат своите права за настава со физичко присуство, а доколку не ги добијат, се заканија со бојкот на наставата. И родителите на деца од основно и средно училиште утре ќе го изразат своето незадоволство. Велат секој родител мора да има право на избор дали детето ќе му учи од дома или ќе оди на училиште. Немаат доверба во онлајн наставата, оти надлежните и натаму молчеле како ќе се одвива еден училишен час пред компјутер.

Наставничката се уште не знае каква ќе биде онлајн наставата а не пак јас како родител. Доколку Владата не ни излезе во пресрет за комбинирана настава, право, ако не го прифатат тоа ние сите родители ќе ја бојкотираме наставата и ќе бидеме офлајн. Наставничката и физичкото присуство, не може да ги замени никој. Јас не верувам во онлајн наставата – вели Весна Андреева – родител и организатор на протестот.

Деталите за ова ги немале ниту наставниците кои ќе треба да ја предаваат наставната материја. Пет месеци распуст – а уште нема детали дали програмата за онлајн настава ќе се подобри, со оглед на критиките дека најголем процент од децата имаа проблем со истата.

Наставниците неодамна ја завшиле обуката за новата програма дадена од Министерството за образование, – но во последен момент надлежните се премислиле. Сега наставниците треба да поминат низ нови обуки, за да бидат подготвени за први октомри. Оттука се поставува прашањето, дали ќе можат за толку кратко време да се подготват, и зошто претходно не реагираше и Бирото за развој на образованието, подготовките да се завршат навремено.

Децата самостојно се организираат за протести и во другите градови. Назад во клупи, неписменоста е полош вирус – со овие пароли вчера протестираа струмичките средношколци. Велат, вистинскиот проблем ќе настане, кога младите ќе ја изгубат вербата во образовниот систем. 

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста