Нема прогресивен данок – Власта попушти под притисокот на бизнисот и опозицијата

Бизнисот куртули од прогресивен данок и данок на реинвестирана добивка, но доби укинување и намалување на даночните ослободувања. Генералната оценка е дека Владата попушти под притисок на фирмите и се откажа од ветувањето со кое СДСМ дојде на власт. Бизнисите упорни – прогресијата кај кој било данок не била добро решение, а довербата на фирмите во функционирањето на државниот апарат била на ниско ниво.

„Ние не сме подготвени за прогресивен данок во било која сфера, затоа што се уште не е изградена личната одговорност и довербата на граѓаните кон целокупниот систем кој не е безбеден“ – вели Миле Бошков од Бизнис конфедерација на Македонија.

Бизнисот не верува дека Владата има сериозна намера да се бори со сивата економија. Со ист број даночни инспектори, ист број контроли, без дополнително следење на приливите и одливите на пари, тешко дека ќе можело да се откријат повеќе затајувачи на данок. 

„Ние предложивме и дека треба да се смени Кривичниот законик во однос на измама по основ на данок. било кој. За да може да има затворски казни, за да може да има кривично гонење итн, за да можат навистина оние кои се потпираат на приходи од даночно затајување да знаат дека системот може да ги следи, да ги спречи, да ги казни“ – рече Миле Бошков – Бизнис конфедерација на Македонија.

Одданочувањето на уплатите во третиот доброволен пензиски фонд за бизнисот е тежок удар. Некои фирми го користеле токму овој метод за да ги задржат и мотивираат работниците. Економистите велат дека без даночни ослободувања, компаниите ништо не прават на своја рака, па во иднина доброволното пензиско осигурување ќе се сведе на минимум.

„Имајќи в предвид дека ние не сме развиена држава во која доброволно даваш средства за до твоето пензионирање да бидат огромни средства. Во оваа држава доброволно ништо не се прави. Не знам сега новите генерации, ИТ професионалците можеби сами си доплаќат. Од третиот столб не видов дека нешто сензационално може да ни се случи“ – вели економистот Абил Бауш.

Фискалните ефекти од можноста хонорарците сами да си плаќаат придонеси ќе бидат минимални – велат економистите. ИТ професионалците, маркетинг експертите, фриленсерите имале високи плати, па тешко било да се очекува да си уплатат на своја рака здравствено осигурување, кога државното здравство е во катастрофална состојба.

„Ми звучи нелогично. Ако ви е неорганизирано здравството, некој да дава пари и да го поддржи, а да не добие некоја квалитетна услуга. На овие фриленсери им е многу поевтино да се осигуруваат во приватни компании и да бидат прегледувани во приватното здравство. Од друга страна, ако ги гледате овие фирми кои доаѓаат од странство, особено дигиталните компании , тие пак, имаат директно потпишано договори со приватните болници во кои вработените се лечат“ – вели Бауш.

Владата во наредниот период ќе ја разгледува и можноста за организирање еднаш до двапати годишно „Викенд без ДДВ“ исклучиво за празници и тоа само за основните прехранбени производи. Допрва ќе има дебата дали да се воведе данок на екстра профити за фирмите кои заработиле над 20% повеќе годишно споредено со профитите од пред 4 години. Економистите сметаат дека владата требала да се охрабри и да ги одданочи екстра профитите уште во 2023-та.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста