Нема да има владина реконструкција: Груби признава дека главна цел е лов на пратеници за уставните измени

Лов на пратеници за уставни измени, главна цела на Владата. Во моментов не се размислува за реконструкција. Во аут е само Горан Милевски, кој поднесе оставка од министерското место во локална самоуправа, а шпекулации дека ќе бидат сменети имаше и за Беким Сали, Адмирин Алити и Благој Бочварски. Првиот вицепремиер Артан Груби сепак изјави дека нивните столчиња во моментов се сигурни. Запрашан за владина реконструкција, Груби кажа дека нема да има прмени, туку се обидувале да најдат шест пратеници за изгласување на уставните измени.  

-Шестмината ќе ги најдеме во проевропскиот дел на опозицијата, каде тој европски дух е во растеж и тоа е очигледно. На кого мислам? На македонската опозиција. Дали мислам на пратеници на ВМРО? Македонската опозиција не е само ВМРО. Мислите дали ќе добиеме гласови и од Левица? Па таму во опозицијата имате и други политички партии во рамките на ВМРО-ДПМНЕ. Ја имате Социјалистичката партија, ја имате српската партија, ја имате ромската партија, имате други партии, има и независни пратеници, изјави Груби.

И од Алтернтива соопштуваат дека немало да има промена на нивните министри, немало причина за такво нешто, бидејќи Сали и Алити биле меѓу најдобрите во целиот владин кабинет.

Владата функционира нормално и нема причина за реконструкција. Нашите министри Беким Сали и Адмирим Алити се меѓу најуспешните не само од Алтернатива туку и во целата Влада. Затоа не гледаме никаква причина за отворање на вакви теми, велат од Алтернатива.

Министерството за локална самоуправа повторно ќе остане во рацете на ЛДП, а министеркото столче најверојатно ќе го преземе поранешниот градоначалник на Скопје, Ристо Пенов. Од партијата потврдуваат дека му била понудена оваа функција, а во игра биле уште двајца членови на Извршниот одбор на ЛДП.

-ЛДП има потенцијал, но и своја институционална меморија. Тенденцијата на партијата е либералната идеологија да дојде до израз. Пенов и претходните претседатели на партијата секогаш се консултирани кога партијата носи клучни одлуки, иако во јавноста впечатокот можеби не е таков, бидејќи не се често присутни, велат од ЛДП.

Инаку, Горан Милевски, покрај од министерската, се повлече и од лидерксата позиција во ЛДП. Најверојатно на таа позиција на редовниот конгрес на крајот од годинава ќе застане пратеничката Моника Зајкова. Од СДСМ порачуваат дека владина реконструкција нема да има. На оваа тема реагираа и од ВМРО-ДПМНЕ, велат дека единствено решение се предвремени парламентарни избори.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста