Нема апанажа за разрешените функционери пресече Уставен суд

Уставниот суд одлучи – нема апанажа за оние функционери кои си поднеле оставка или пак биле разрешени. На денешната седница судиите едногласно изгласаа укинување на членот 22 од законот за плати и надоместоци за избрани и именувани лица, што практично значи дека нема веќе плати за пратениците, министрите, функционерите кои пред истекување на нивниот мандат прекинале да ја вршат својата работа.

Овој член според судот нема уставна оправданост и затоа сите пет судии гласале истиот да биде укинат. Судот го зема во предвид фактот дека до оставка или до разрешување доаѓа заради некаков вид на одговорност поврзана со вршењето на доверената функција.

Според Судот, оставката и добивањето на паричен надоместок во вакви случаи се меѓусебно неспојливи. И затоа е донесена укинувачка одлука,одредбата е спротивна на владеењето на правото кое е една од темелните вредности на нашиот Устав, предвидена во членот 8.

Сепак она што треба да се напомене е дека одлуката на судиите е укинувачка, а не поништувачка па така свежо разрешените министри и функционери сепак ќе можат да земаат плата од државната каса, но само доколку поднесат барање пред укинувањето на членот 22 да стане и официјално, односно пред да биде објавено во службен весник.

Инаку Законот за плата и другите надоместоци на пратеници во Собранието и другите избрани и именувани лица предвидуваат пратеник да може да остварува плата и по престанувањето на мандатот за време до една година, и тоа: три месеци ако мандатот на пратеникот траел до шест месеци, шест месеци доколку мандатот на пратеникот траел од шест месеци и еден ден до 12 месеци, девет месеци ако мандатот на пратеникот траел од 12 месеци и еден ден до 24 месеци и 12 месеци ако мандатот на пратеникот траел 24 месеци и еден ден и повеќе.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста