Незадоволство и кај медицинскиот персонал во прилепската Болница, некои се жалаат дека биле деградирани и дискриминирани со години

        Дипломирана медицинска сестра од Детското одделние во прилепската Болница, со 18-годишен работен стаж, реагира дека веќе пет години била дискриминирана и деградирана, бидејќи и’ биле одземeни дежурствата и сменското работење. Вели дека тоа за неа, како здравствен работник е крајно фрустрирачки и што е уште постаршно, одело и на штета на пациентите.

   „Подолго време, т.е. пет години сум исклучена од дежурставата, од смени, додека договорни – работат.Тоа мене многу ме иритира, бидејќи сме во секундарно здравство и носиме голема одговорност, работиме со мали деца. 18 години одговорно ја обавувам работата без ниту една грешка, мајки – сите се задоволни, деца, но еве има некаков прблем што ќе сум земела повеќе пари од дежурства. 13 такви сестри сме низ болницава, негде ги ставаат во держурства, негде не..“, – ни изјави за Алфа, Весна Илиеска, дипломирана медицинска сестра.

    Заради ваквите примери, но и заради сеопштата очајно лоша состојба во која се наоѓа македонското здравство, триесетина доктори и друг медицински персонал од прилепската Болница, солидаризирајќи се со своите колеги од земјава, денеска за време на паузата, самоорганизирајќи се, излегоа на полчасовен протест пред установата, барајќи итно средување на состојбите, но и исплата на веќе десет дена задоцнетата плата.

   „Пример, би можеле да се исплатат платите како минатиот месец, па ако има некои разлики во сегашниот месец, да се направат корекции, пример како што прави ЕВН и некои други институции, така да ние сакаме и се надеваме дека овој проблем ќе се реши за доброто на сите, зашто сепак сите ние живееме од таа плата и не засега сите лично, кој повеќе, кој помалку“, – кажа д-р Гоце Јонзоски, специјалист по спортска медицина.

   Со оглед на фактот што оваа состојба е на државно ниво, од менаџментот на Болницата ни беше речено дека тие ги следат упатствата и насоките од државните надлежни институции и се надеваат дека веќе во текот на утрешниот ден ќе се најдело некое решение.

                                                                                                        Каролина Дурло   

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста