Независни фактчекери или цензори во обид- нов „институт“ на медиумска сцена

Алфа телевизија на удар на новите фактчекери во Македонија, кои важат за големи поддржувачи на актуелната власт. Сме ширеле говор на омраза бидејќи сме направиле прилог со реакции околу тоа колку заработиле членовите на заедничката историска комисија со Бугарија.

Извесен Институт за медиуми и аналитика ИМА, за кој речиси никој досега не слушнал, не обвинува дека сме ширеле говор на омраза, не поради содржината на прилогот туку бидејќи не сме бришеле коментари на социјалните мрежи. Поради тоа што граѓаните пишувале коментари дека станувало збор за предавници, ИМА бара кривична одговорност за нив.

-Доказ дека етикетите „предавник“ и „предавници“ предизвикуваат омраза, нетрпеливост и повици за насилство и линч се бројните коментари со говор на омраза под објавата со прилогот на Фејсбук страницата на ТВ Алфа. ИМА повторно апелира до Јавното обвинителство да преземе кривични мерки против лицата, кои ги злоупотребуваат медиумите за ширење говор на омраза, вклучувајќи и повици за насилство и линч, пишува ИМА.

Основачи на ИМА се Петрит Сарачни и Жарко Трајаноски, кои важат за едни од најголемите поддржувачи на политиките на актуелната власт. Инаку, токму тие двајца беа дел од оној список на тајните хонорарци во Владата. Сарачини добиваше по 42.000 денари месечно, додека за Трајаноски не беше објавено колку заработувал. Она што е интересно е дека во мисијата на ова здружение пишува дека била непартиска.

-Мисијата на Институтот за медиуми и аналитика ИМА, како невладино и непартиско здружение на граѓани кое ја практикува слободата на изразувањето – е унапредување на демократијата и владеењето на правото, унапредување на човековите права во јавните комуникации, развој на критичкото мислење и дебатирање во медиумите, промовирање на медиумска писменост и етичко новинарство, намалување на штетите од говорот на омраза, дискриминаторскиот говор и  дезинформациите во медиумите, промовирање на културен плурализам во медиумите и општеството, и подобрување на професионалните стандарди во медиумскиот мониторинг и анализата на медиумите, се вели во мисијата на ИМА.

ИМА своите текстови и анализи ги објавува во четириесетина групи на Фејсбук, во исто време, а она што е интересно дека профилот кој секаде објавува е на Петрит Сарачини, кој пак во минатото беше еден од главните говорници и протагонисти на Шарената Револуција.

-Ве повикувам сите без оглед на вашата припадност, политичка, сексуална, етничка, верска, да се сплотиме, да бидеме заедно тука на 17-ти мај. Оваа власт години наназад воопшто не ги слуша, ниту ги адресира барањата на граѓаните, говореше Сарачини.

Истиот случај е и со другиот основач на организцијата Жарко Трајаноски.

-Добро вечер граѓани и граѓанки на Република Македонија, зошто сум тука, дозволете ми најнапред да укажам, тука сум како активист за човекови права, кој ја поддржува здружената опозиција за рушење на овој режим, говореше Трајаноски.

Од ИМА за Алфа велат дека здружението е формирано пред три месеци, во мај годинава, а од јуни работеле на проект за остварување на мисијата и целите на ИМА, кој е финансисран од Европскиот фонд за демократија.

Инаку, ваквото мешање и етикетирање на медиум може да се сфати и како обид за цензура, а според новите предлог законски измени цензурата на новинар, ќе се казнува со затворска казна од шест месеци до 5 години.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста