Невладините го вклучија алармот – природата не ни е за распродажба, бизнис интересите се ставаат пред интересите на граѓаните

Природата не ни е за распродажба, власта гледа на заштитените подрачја како на ресурс кој треба да се искористи-реагираат од невладината “Еко свест”,бизнис интересите велат се ставаат пред јавниот интерес.Државните институции од една страна прогласуваат нови подрачја за заштита,а од друга страна истовремено на истите планираат инфраструктурни проекти,што неминовно значат нивно уништување. Примери кои ја покажуваат тенденцијата да се распродаде природа се најавите за изградба и проширување на ски-центри во националните паркови Маврово и Шар Планина каде се бара и изградба и на мали хидроцентрали. НП Маврово веќе 11 години чека на репрогласување и донесување на нов план за управување. Процесот се закочи поради „кроењето“ на зоните за да се реализираат двата хидропроекти Бошкот Мост и Луково Поле.Во меѓувреме се вршат притисоци за издавање позитивно мислење за хидроцентрали и ски центри на Шар Планина а се објави и информација за планот за изградба на регионален пат и тунел низ паркот.

Националните паркови и заштитените подрачја ниту се финансираат од државата, ниту имаат соодветни одржливи и ефикасни модели на финансирање и управување. Само 14% од територијата на нашата држава е под заштита. Инфраструктурните проекти можат да се изградат и онаму каде нема природни вредности и реткости. Повикуваме на укинување на сите инфраструктурни активности со неповратно или штетно влијание врз природата – велат од „Еко свест”

Во реакцијата од “Еко свест” стои и дека се планира изградба на ветерни паркови и  фотоволтаични електрани во заштитени подрачја на различни локации, додека во исто време никнуваат нелегални градби во националните паркови,посебно во Маврово и Галичица.

Голем дел од сите тие дивоградби се и цели куќи дали за туризам или за живеење, така што тие се градени во подолг временски период.Можеби инспекторите напишале некој акт,констатирале дека тоа е дивоградба, меѓутоа оние кои одлучуваат за тоа, судските органи не си ги извршиле своите должности и не е постапено.Повеќе фактори се тука,некои можеби и намерно не се констатирани – вели Ѓоко Зороски – инженер по животна средина.

Шоканта е информацијата дека заклучно со ланската година, до јавната установа на  националниот парк Галичицастигнале 441 барање за легализација,од нив највеќе се викенд куќи-дури 244, има 11 хотели и автокампови како и 6 верски објекти. Бидејќи немаат право дирекно да постапуваат, пријавите за регистрираните дивоградби од Националниот парк ги испраќаат до градежната инспекција, јавното обвинителство и правобранителство. Дивоградите таму не се чепнати повеќе од две децении,последен пат во 1999-та се спроведе акција за нивно рушење.

Росица Голабоска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста