НБРМ: Каматите ќе растат, инфлацијата ќе се стабилизира

Каматите во банките ќе растат, инфлацијата се очекува да паѓа. Народната банка очекува двоцифрената инфлација да се стабилизира, да забави и да изнесува 8 до 9 проценти до крајот на годината. Гувернерката Ангеловска – Бежоска, вели дека колку економијата е увозно зависна особено во енергетскиот сектор, како што е нашата, толку шокот од кризата е поголем. Според неа, во услови на вакви инфлациски движења, централните банки немаат друг избор освен да реагираат во насока на затегнување на монетарната политика.

  • Нашето основно макроекономско сценарио е дека двоцифрената инфлација од минатата година постепено ќе се стабилизира и ќе забавува. Оваа година очекуваме да изнесува 8 до 9 проценти, а на среден рок да продолжи да забавува, без притоа економијата да влезе во рецесија. Но, има важни претпоставки за ова сценарио да се оствари. Пред се, многу е важен глобалниот контекст кој се уште е многу неизвесен. Во однос на домашните фактори, многу е битно да продолжиме со координирани прудентни макроекономски политики кои ќе бидат насочени кон поддршка на најпогодените сегменти од економијата, краткорочно да се делува, но истовремено и со зајакнување, а инвестицискиот циклус може да одигра клучна улога. Фокусот ни е на макроекономските политики и тие по правило се прва линија на одбрана, како и прва линија на инструменти за стабилизација на економијата, но не се и клучниот двигател на растот, истакна Ангеловска-Бежоска.

Според неа, во услови на вакви инфлациски движења, централните банки немаа друг избор освен да реагираат во насока на затегнување на монетарната политика.

  • Ние, практично, во глобални рамки, се соочуваме со најсинхронизираниот циклус на затегнување на монетарните политики во изминатите 50 години со интензитет кој е двојно посилен од просечниот на претходните инфлациски епизоди. Затегнувањето може да го успори растот кој секако забавува. Но, прашањето е, колкаво ќе биде тоа забавување, дали тоа забавување ќе биде брзо, остро и нагло или ќе биде поспоро и поумерено со што економиите ќе ја избегнат рецесијата, посочи гувернерката.

Нејзина оценка е дека светот не се соочува со една криза, туку со неколку последователни кризи од невидени размери, кои долго траат и се специфични по својата природа – го забавуваат растот, а истовремено ја зголемуваат инфлацијата.

На ваков став е Глигор Бишев од Стопанската комора. Според него, можно е натамошно зголемување на каматите со цел домашната потрошувачка да се намали.

  • На светско ниво и кај нас можно е да очекуваме натамошно зголемување на каматите со цел домашната потрошувачка да се сведе на ниво кое ќе доведе до рамнотежа со понудата на стоки и услуги и да се вратиме на ниво на инфлација која ја памтиме во последните десетина година, изјави Бишев по првиот панел од конференцијата.

Економистите велат дека светот не се соочува со една, туку со неколку последователни кризи од невидени размери, кои долго траат и се специфични по својата природа – го забавуваат растот, а истовремено ја зголемуваат инфлацијата. Иако очекувањата на власта беа дека измината година ќе ја завршиме со 12,9% инфлација, пресметките на Статистика го покажаа спротивното. Па така, Македонија 2022 ја заврши со висока стапка на инфлација од 14,2%.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста