На хартија се функционира, во маркетите пониските маржи не донесоа поевтини производи

Владата повторно ги разочара граѓаните.  Најавите од Министерот за економија дека по стапување на сила на одлуката за ограничување на трговските маржи ќе предизвика намалување на цените во малопродажба „паднаа во вода“ . Сликата на терен покажува дека цените сеуште се вртоглаво високи, а граѓаните револтирани- велат намалување не очекуваат ни во иднина.

Драстично намалување на цените не очекуваат ни од пазарниот инспекторат. Според информациите од пазарна, инспекторите вршат контроли кај трговците и до сега не е констатирано дека не се почитува одлуката и се усогласуваат цените, а контролите ќе продолжат.

До овој момент немме информација дека има непочитување на одлуката. Во текот на вчерашниот ден трговците се прилагодуваат кон одлуката и сметам дека се подготвени. Драстично намалување не може да очекуваме, меѓутоа она што го имаме како информација е дека се прилагодени максимум до 10 проценти во трговијата на мало и до 5 проценти маслото шеќерот и брашното, вели директорката на Пазарен инспекторат Анета Симеска Димоска.

Наспроти сликата на терен, Владата уверува дека замрзнувањето на маржата веднаш резултирало  со тоа што основните производи се намалиле за 5 до 10 %, а најголемо намалување ќе имало кај маслото за јадење. Во идниот период  наместо мерки за  помош на бизнис секторот кој алармира дека веќе работат со загуба, власта најавува и засилени контроли за трговците за почитување на одлуката и соодветни санкции.

Кристина Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста