На слепо поминаа законите за „Бехтел и Енка“, опозицијата порача дека ќе има одговорност за криминалниот договор

Собранието ги изгласа сетот закони за Бехтел и Енка. По скратена постапка, со европско знаменце, пратениците од владејачкото мнозинство без да го видат Договорот со американско-турскиот конзорциум, гласаа за законите за работни односи, експропријација, урбанистичко планирање, градење, и специјалниот закон за Бехтел и Енка.

Носењето на овие закони го одбележаа тензични расправи на Комисијата за европски прашања и меѓусебни обвинувања на седниците . Ниту предупредувањата на опозицијата, ниту алармот од меѓународниот фактор дека европското знаменце се злоупотребува за закони кои немаат врска со европското законодавство, не вродија со плод, владејачкото мнозинство да ги повлече спорните законски решенија.

Според ВМРО-ДПМНЕ која гласаше против законските измени, треба да остане забележано и нотирано во историјата дека најголемиот проект на оваа Влада „е покриен со основни сомненија за злоупотреба и можен криминал.

Полека, полека стигнавте до крајот на оваа фарса, а по ова се ќе биде различно. Заврши транспарентноста на оваа Влада. Ги пониживте пратениците ја злоупотребивте ЕУ со европското знаменце, го навредивте евроамбасадорот Дејвид Гир, го деградиравте и пониживте Уставниот суд, го сокривте договорот и од Антикорупциската комисија. ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа против законите за коридорите бидејќи целиот проек е покриен со сомнеж за криминал и злоупотреба“, рече Мицевски.

Власта стои на ставот дека Коридорите од економски аспект се стратешки проект од национален интерес, кои ќе ги поврзат градовите од регионот.

Најдобрата потврда за тоа дека изградбата на коридорите е инфраструктурен проект правен согласно со закон, со сите процедури запазени со Специјален закон донесен овде во Собранието без ниту еден глас, дојде од тие кои што ги повикувавте да одговорат, односно од Американската амбасада, изјави денеска во Собранието премиерот Димитар Ковачевски.

Пратениците од ДОМ И ВМРО-народна партија, кои се дел од владејачкото мнозинство гласаа против.

„Законите не треба да се менуваат за поединечни случаи како што се прави со овие предлог закони каде што измените се вршат заради претходно потпишан договор со изведувач. Најскапиот проект во државата ќе се реализира според правната регулатива не со закон туку со правилник, односно не со урбанистички план туку со урбанистички проект. Во изработката на урбанистички план со доставување на податоци учествуваат Министерствата за култура, за земјоделие, екологија и други институции и правни лица каде што податоците се составен дел на документационата основа на урбанистичкиот план“,рече Балкоски од ВМРО – Народна партија.

Законските измени кои предвидуваат зголемување на работната недела, обесштетување на легалните но и нелегалните градби, номинирање изведувач без распишување тендер, и многу други спорни елементи во нив остро беа критикувани освен од пратениците и од невладиниот сектор и синдикатите.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста