На македонските сточари им доцнат субвенциите за 2022, а за две години и исплатата на персоналниот данок

 Додека македонскиот сточен фонд загрижувачки брзо се намалува, а голем дел од традиционалните сточари масовно го напуштаат овој бизнис оти високата инфлација секојдневно си го зема својот данок, пелагониските сточари се жалаат дека се’ уште не им се исплатени ни субвенциите за лани, а ни персоналниот данок за две години. Загрижени се. Велат, не знаат ни како тие ќе опстанат, а ни како земјава ќе обезбедува храна.

   „Тешко, иднината не ја гледаме нигде. Најмногу за две до три години ќе нема да остане ништо од сточниот фонд. Лага е од власта дека носи нови јуници од Холандија, од Германија, дека има ИПАРД-програми, дека нешто помага, но од тоа ништо нема. Се ништи сточниот фонд, за 25 дена се продадоа 1.200 крави во три села, 5.000 литри млеко дневно кои се произведуваа. Тоа млекарите нејќат да го кажат, го кријат и сето доаѓа од увоз, а увозот е сето хемија што е опасно и за народот што го конзумира“ – вели Тони Петковски, сточар од битолско.

  Според Петковски, сточарите, но и воопшто македонските земјоделци не се задоволни ни од предложениот нов модел за субвеницонирање. „Тоа ќе не’ дотолчи и нас како индивидуални производители кои речиси сите имаме несредени имотни-правни односи, но и државата која ќе стане 100 проценти извозно-зависна, што е срамота и гревота“, објаснува Петковски.

   „Ако продолжи вака интензитетот, ќе дојдеме да чекаме некој да не’ храни, а Пелагонија беше на второ место во Југославија за производство на земјоделски култури. Сега да дојдеме ние, да чекаме да увеземе млеко, резанци, соја и сите тие придружни работи околу стоката или околу другите земјоделски површини“, – посочува Петковски.

    Се’ уште неисплатените субвенции за литар предадено млеко и по обележано грло, а кои требало да им бидат исплатени до крајот на минатата година, Петковски го чинат над 4.000 евра за кои вели дека во моментов му се повеќе од неопходни за да може да ги набави сите потребни репроматеријали за престојната сезона. „Кај некои сточари, тој долг е и над двојно поголем“ – реагира сточарот Тони Петковски.  

 Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста