На Македонија и се заканува нова епидемија од морбили

На Македонија и се заканува нова епидемија од морбили, ако не порасне процентот на имунизација кај децата, алармираат лекарите. Моменталните податоци за вакцинирани деца до 1година, се загрижувачки и се далеку помали и од пред три години кога во државата актуелна беше епидемијата со мали сипаници

  „И претходната пандемија што се случи во 2019година опфатот беше некаде околу 80%. Сега ние сме многу под 80%, така што реален е ризикот од из ивање на нова епидемија со морбили„ изјави д-р Дијана Коцева Миланова, од Центарот за имунизација во Штип.

Како главна причина за намалениот процент на имунизираност од морбили кај децата до 1година, е теоријата дека оваа вакцина и аутизмот се поврзани. Па поради ова, добар дел од родителите децата со МПР ги вакцинираат но откако ќе проодат и прозборат.

„Најчесто доаѓаат после втората година кога детето проодело или прозборело. Меѓутоа ваквиот став е неоснован бидејќи со тоа го изложуваат сопственото дете, посебно во вакви услови кога е низок степенот на имунизација да се разболат или да евентуално да настанат несакани компликации„изјави д-р Миланова од штипскиот Центар за имунизација.

Засега кај нас нема регистриран случај, но тоа не значи дека еден изолиран случај би можел да предизвика нарушување на епидемиолошката состојба во државата. Во Србија веќе постои страв од прогласување на епидемија, а алармот го вклучи и Црна Гора.

Во 2019 кај нас беше прогласено епидемија на морбили. Првите случаи на заразени деца се појавија во детска градинка во Скопје, а за брзо време заразата која се шири по капков пат се прошири и низ другите градови.

Александра Ристевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста