На Македонија и е потребна нова власт: Оваа владејачка гарнитура падна на сите испити за успешно владеење

Економска криза, енергетска криза, катастрофална состојба со корупцијата, лоша надворешна политика и што уште не. Се ова се докази дека на Македонија и е потребна нова политичка елита на власт. Ковачевски, Спасовски, Османи, Груби и остананите во владиниот кабинет не можат да го положат тестот за успешно владеење, сметаат познавачите. Универзитетскиот професор Жидас Даскаловски вели дека ако ги погледнеме состојбите на сите полиња во земјава, јасно е дека промени мора да има ден поскоро.

-Објективно состојбите се многу лоши. Нели знаеме дека евроинтегративниот процес е заглавен знаеме дека сме во една голема економска криза, знаеме дека земјата целата година, па всушност и минатите години кубури со страшни нивоа на корупција, така што објективно е потребна нова политичка елита, која што ќе раководи и менаџира со земјата и навистина е добро да имаме предремени избори. Дали ти ќе се остварат е друго прашање, вели Даскаловски.

Сепак прашање е дали власта би си дозволила да оди на избори кои знае дека би ги загубила. Според аналитичарот Синиша Пекевски, малку е веројатна таа опција. Но, потенцира дека Ковачевски не е единствен кој се прашува во моментов. Проблем за владината коалиција може да претставува и состојбата во ДУИ, каде фракционерите се погласно бараат одговорност од Бујар Османи и Артан Груби.

-Не верувам дека власта би си дозволила да оди на избори во кои катастрофално ќе изгуби. Од друга страна гледаме дека во ДУИ се случува нешто крупно и дека веќе отворено бараат промена на одредени министри, дури и симптоматично е времето во кое излегоа. Така да они се клучниот елемент претпоставувам дали ќе има предвремени или нема да има предвремени избори, вели Пекевски.

Рејтингот на партиите е уште еден голем проблем за Ковачевски и СДСМ. според најновата анкета на ИРИ ако „утре“ да се одржат предвремени парламентарни избори 19% од граѓаните би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, за СДСМ би гласале 11% од македонските граѓани, околу 7% својот глас би го дале за ДУИ, а само 6% за политичката партија Левица.

Според Даскаловски и Пекевски, за власта би било подобро што побрзо да се одржат избори, бидејќи не гледаат начин како би успеале да го подобрат својот рејтинг. Според нив состојбата во државата и сите проблеми наговестуваат дека бројките за нив може да оди само надоле.

-Видете ги сите анкети, дури и оние кои што кажуваат задоволство на граѓаните, доверба на граѓаните кон институциите или прашањето дали се движи земјата во позитивна насока, ќе видите еден тренд поразителен за управувачката елита на власта и тоа е еден сигурен знак дека тој тренд ќе продолжи бидејќи не е од оваа година, туку и од минатите години. Што значи дека доколку се паметни тие би требало да повикаат на предвремени избори самите, но очигледно во моментов не се подготвени за тоа, изјави Даскаловски.

-Не може да очекува нејзиниот рејтинг да расте, со оглед што видовме дека не е можно да ја менаџира оваа криза и не знае како да ја менаџира. А од друга страна скандалите кои се случуваат секојдневно и неможноста да искординира и изменаџира покажува дека оваа власт веќе е спремна да падне, ама на избори кои ќе бидат регуларни, изјави Пекевски.

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски побара предвремени парламентарни избори на 14-ти или 21- ви мај следната година, изборно соочување бара и албанската опозиција предводена од БЕСА на Билал Касами. Сепак, засега владините коалиционери Ковачевкски и Ахмети не сакаат да слушнат за избори во 2023-тата. Премиерот порача дека тоа била година за носење големи одлуки во Собранието.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста