На Косово е мирно но напнато – граничните премини кон Србија затворени, но полека се тргаат блокадите

Тензиите не спласнуваат на северот на Косово и покрај одлуката на Приштина за еден месец да ја одложи одлуката со која се бара пререгистрација на возилата со српски регистарски таблички и издавање на документи за сите оние кои со српски лични карти влегуваат во Косово. На преминот Јариње стојат голем број возила од двете страни, но се уште нема дозвола за слободен проток. Владата на Албин Курти се согласи да попушти по силниот притисок од САД и опасноста од ескалација на настаните. Синоќа, кога првичната најава се очекуваше да стапи на сила локалните Срби со камиони полни со песок го блокираа сообраќајот кај Рударе, Јариње и кај Зубин поток, а косовската полиција започна со специјални возила да се приближува до барикадите. Потоа следуваа часови на напнатост и голем број непроверени инфорамции за пукање, како и за приближување на српската војска во близина на границата.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ најпрвин драматично соопшти дека никогаш претходно Србите на Косово не биле во толку тешка состојба.

Ситуацијата за нашиот народ на Косово и Метохија е многу комплицирана и сложена, многу луѓе го сведоа својот однос кон Косово и Метохија на слогани во кои велат „Косово е Србија“ и тоа е се, но јас не мислам дека некогаш сме биле во посложена и потешка ситуација отколку денес, изјави Александар Вучиќ – претседател на Србија

На ова, претседателката на Косово Вјоса Османи кажа дека Вучиќ го користи методот на Путин за да го загрози Косово.

Реципроцитетната мерка не е насочена против никого, туку е во интерес на сите граѓани на Косово. Обидот на Вучиќ да го дестабилизира Косово со методите на Путин ќе пропадне, изјави Вјоса Османи – претседателка на Косово

Конечно, околу полноќ, со посредство на КФОР и под притисок на американската дипломатија, Приштина реши да ја одложи намерата да ги воведе контроверзните мерки, но под услов барикадите да бидат повлечени што беше спроведено дури денеска.

Четиринаесет години откако Косово прогласи независност, околу 50.000 Срби на северот се уште продолжуваат да користат регистарски таблички и лични документи издадени од српските власти. Инаку денеска во северниот дел на Косовска Митровица и во општините Лепосавиќ, Зубин Поток и Звечан, може да се видат паролите „Ова е ЗСО (Заедницата на српските општини)“, со симболи и пораки на англиски јазик. Формирањето на Заедницата на српските општини на Косово е обврска на Приштина преземена со Бриселскиот договор од април 2013 година за нормализација на односите со Белград, но косовските власти се уште не ја спровеле.

Бојана Златкова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста