На договорно вработените во ФПИОМ не им се исплаќа со Закон загарантираниот минималец ?!

„Подолго од две години работиме со Договор на дело во Фондот за ПИОМ. Работиме со полно работно време по 8 часа, имаме редовност и работни обврски исто како и сите останати вработени. Ама, веќе трет месец нам не ни се исплаќа новиот загарантиран минимамалец од 20.175 ден., туку земаме плата по старо, односно по 18.000 денари, што е спротивно на чл. 2 од Законот за минимална плата“, реагира договорно ангажирана службеничка од една филијала на ПИОМ, која стравувајќи од последиците по работно место, сакаше да остане анонимна. Според неа, досега, кога имало покачување на минималната плата, зголемувањето им било исплаќано и ним, ама, ете, не и овој пат. Таа тврди дека нивните обиди да разговараат со претпоставените завршиле безуспешно. A што е уште пострашно, добивале и индиректни закани дека ако продолжат да се бунат и жалаат, ќе им бидат прекинати договорите.

Минатата година кога исто се зголеми минималецот, не’ опфати и нас „договорците“. Земавме 16.000 ден., па со законското зголемување на минималната плата почнаа да ни исплаќаат по 18.000 ден. А сега, за истиот тој Закон ни кажуваат – „вас Договорот ви е така потпишан, а кој ќе се жали и буни, ќе си оди дома“?! Се прашауваме како е тоа можно, а и каде завршуваат тие 2000 денари месечно кои нам ни се скратуваат“?! – резигнирано прашува нашата соговорничка.

Овие наводи ги проверивме и во други филијали во внатрешноста. И таму, состојбата е иста.

Најлошото е што речиси секаде има загрижувачки недостиг од кадар, ама на „договориците“ упорно не им се даваат решенија, туку договорите или им се продожуваат месечно, или пак, им се прекинуваат. А тоа пак, оди на директна штета на осигурениците кои заради предолгото чекање пропуштаат термини за лекување, боледување, пензионирање, решенија за туѓа нега, за инвалидитет и сл.“, објаснуваат нашите извори.

За ова, уште пред неколку дена прашавме и во Фондот за ПИОМ, меѓутоа досега оттаму нема никаква реакција на нашите прашања. Инаку, од март годинава, прв човек на оваа институција е Арсим Хасани од Алијанса на Албанците, кого Владата го именуваше за в.д. директор како дел од договорот со кој оваа партија во февруари ѝ се приклучи на владејачката коалиција.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста