На десет дена пред крајот на годината, учениците од петто одделение добија учебници по македонски јазик

Силни реакции и осуда. Јавноста го критикува  Министерството за образование, откако вчера на само две недели пред крајот на учебната година, петтоделенците конечно добија учебник по Македонски јазик. Одговорност од надлежните побараа и од Иницијативата „Учебници и настава мора да има„ од каде посочија дека нашиот образовен систем е единствен каде учениците добиваат, но и им се повлекуваат учебници пред самиот  крај на школската година.

Да се добие учебник на две недели пред крајот на школската година е навистина жалосно и е противзаконски. Ние имаме Закон за учебници и наставни материјали каде што точно е дефинирано кога се објавува оглас за учебник, кога авторите треба да ги пријават своите дела и кога тој се печати„ изјави Драгана Спасевска од Иницијативата „Учебници и настава мора да има„.

Но, со ова не завршува хаосот во македонското образование.  Со добивањето на учебниците по Македонски јазик, петтоделенците не се спасија од копирање на материјали и препишување на лекции. Сега главоболка за нив и наставниците преставува предметот по Историја и Општество.  Минатата недела поради низа грешки во материјата, ресорното министерство  од употреба го повлече овој учебник.

  „Со пропратно писмо од Министерството за образование се повлекува од употреба. Сега во останатите 10 до 15денови, повторно ќе немаме учебник за работа по Историја и Општество. Инаку по останатите предмети, карактеристично е дека немаме учебници за шесто одделение. Нема учебници по Историја, Германски јазик, Англиски јазик и за потребите на учениците копираме„ изјави Зоран Митев, директор на ООУ„ Гоце Делчев„во Штип.

Засега е неизвесно дали сите петтооделенци во државата го добија учебникот по Македонски јазик. Инаку лани иницијативата пушти претставка до Антикорупциска , барајќи да се покрене постапка  и да се истражи случајот каде завршиле 20 милиони евра кои државата, за образовна реформа, ги доби од Европската унија, а притоа учениците останаа без учебници.  

Aлександра Ристеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста