На „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис III“ им снемува време – или нови имиња или клуч на врата

Роковите течат, фашистичките имиња на бугарските клубови си стојат. За три недели, односно на 16 февруари истекува рокот во кој клубовите „Ванчо Михајлов„ и „Цар Борис Трети„ мора да ги сменат имињата или ќе им следува клуч на врата. Претседателите на двата клуба, Томе Блажевски и Љупчо Ѓеоргиевски не кажуваат дали имаат намера да ги спроведат одредбите на законот за здруженија и фондации. Доколку не ги сменат имињата, министерот за правда, по мислење на ново формирана комисија, може да побара од централниот регистар да ги избрише здруженијата од регистар. Министерот Тупанчевски вели комисијата е формирана и наскоро ќе заседава.

Има рокови, направивме корекции во Законот за здруженија и фондации. Роковите полека изминуваат, формирана е комисијата во рамките на Владата и треба да почне да заседава. Откако ќе добиеме  документ дека тие си ја завршиле работата, тогаш Министерството за правда ќе постапи по барањето кое е доставено до нас – изјави Тупанчевски.

Министерот не одговори дали дефинитивно ќе бара бришење на клубовите со имиња на познати фашистички соработници кои предизвикаа гнев во јавноста и очигледно претставуваат провокација за македонскиот народ. За разлика од него, Османи неколку пати има повторено дека е незадоволен што законот важи ретроактивно, иако и тој смета дека имињата би можеле да бидат толкувани како провокација. Тој дури ги охрабрува Бугарите да отвораат повеќе клубови.

Ние ја охрабруваме бугарската заедница да се обедини во клубови, да отвори што повеќе клубови, меѓутоа не треба да ги повредуваат чувствата на останатите граѓани. Очигледно имињата кои беа избрани, без разлика на нивното научно толкување, се провокација за мнозинството и тоа е доволно – изјави Османи на 23.01.2023.

Интересно е што додека Османи ги охрабрува Бугарите во Македонија, очигледно му смета кога Македонците во Бугарија се обидуваат да го сторат истото. Во октомври минатата година, уште пред да биде отворен клубот „Никола Вапцаров“ во Благоевград настојуваше да се истражува кој стои позади тој клуб.

Се уште испитувам кој стои позади тоа. Истовремено, треба да се види и тука кој стои позади клубовите кои се отвораат. Прашање е дали навистина се добронамерни од двете страни или тоа е нечија агенда – изјави Османи на 28.10.2022.

Во меѓувреме нема ништо освен најави за отворање Македонски културен центар во Благоевград каков што има и во Софија, иако премиерот Ковачевски уште во април минатата година вети дека ќе поднесе барање. Тој пред два дена во Штип изјави дека Владата се уште немала поднесено барање бидејќи во Бугарија имало техничка влада, па ќе почекале до следните парламентарни избори.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста