Најголемите верски празници, Велигден и Рамазан Бајрам – заемното разбирање и почитта, столбови на македонското општество

Во денешното издание на емисијата на телевизија Алфа, „За или против“ дебатираат гостите презвитер Ивица Тодоров и поранешниот битолски муфтија, Плуми Велиу.

Главната тема е колку граѓаните во Македонија се посветени на верата, што значи Велигден за православните христијани, а што значи Рамазан Бајрам за муслиманите.

„Воскреснувањето на Христос покажува дека смртта не е крај. Тој ја победи смртта и со тоа му покажа на целото човешство дека сите ние ќе воскреснеме по неговото второ доаѓање. Суштествено е да се каже дека тие што ќе ја прифатат шансата, да бидат исполнети со божјите вредности, ќе се подготват за вечен живот. Бог ќе ги всели во совршенството, во Царството Божјо“ вели презвитер Ивица Тодоров.

„Се наоѓаме во последните денови на светиот месец Рамазан, кој во себе ја содржи целата филозофија на животот. На 21 април е Рамазан Бајрам. Човекот во текот на овој месец, застанува на свои нозе, се присетува на тоа кој е, што треба да биде и каков да биде. Пораката не е само за тие што постат, бидејќи ако постот е само да се гладува и да се остане жеден, немаш ништо од постот. Постот треба да биде ментален и психички. Покрај тоа што еден муслиман ја има доблеста да се одрекне од тие телесни задоволства, го прави нешто многу повисоко. Каков е духовниот пост? Покрај она што не смее да јаде и пие, свесен е дека не смее да чекори онаму каде што не смее. Не смее да ја пружа раката онаму каде што не оставил нешто свое. Рамазан треба да продолжи и вториот ден, и третиот, и се до наредниот Рамазан. Ако луѓето ова го прифатат како општа порака за филозофијата на животот, ние никогаш нема да имаме проблеми во животот, во ниедна област“ – вели поранешниот битолски муфтија, Плуми Велиу.

„Луѓето погрешно пристапуваат кон верата, кон духовниот пост. Но се повеќе и повеќе луѓе, на верата на духовноста и приоѓаат сериозно. И со ум, значи сакаат да научат, сериозно го истражуваат она што Бог им го открил, за тоа како треба да го осмислиме животот и во овој свет, и во другиот“ – додава Отец Ивица.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста