НАТО е подготвен да помогне за дојавите за бомби, но чека официјална покана

НАТО е подготвено да распореди екипа за кибернeтска безбедност, доколку Македонија тоа го побара, велат од алијансата за Алфа, на прашањето како НАТО придонесува за сајбер безбедноста на Македонија. Оттаму додаваат дека меморандумот за кибернетска безбедност тоа го овозможува.

– „Потпишувањето на Меморандум за разбирање со НАТО од страна на Северна Македонија претходно оваа година ќе ја подобри нашата соработка за сајбер одбраната, како и во однос на потенцијалното распоредување на тим за брза реакција на НАТО за кибернетска одбрана, доколку тоа се побара.“ – Велат за Алфа од НАТО.

За тоа, дали алијансата е информирана дека Македонија е подложна на хибридни закани преку лажните дојави за бомби во скопските средни училишта, оттаму велат дека во моментов никој не е имун на злонамерни кибер активност, сојузниците меѓусебно споделуваат информации во реално време, а посериозен кибернетички напад би значело и активирање на членот 5 од основачкиот договор на алијансата.

– „НАТО сојузниците јасно ставија до знаење дека сериозен сајбер напад може да го активира членот 5 – клаузулата за колективна одбрана на нашиот основачки договор. Сојузниците препознаваат дека значајните злонамерни сајбер активности може, во одредени околности, да се смета за вооружен напад. НАТО го задржува правото да ги заштити своите сојузници и соодветно да одговори.“ – Додаваат од алијансата.

Инаку, во членот 5 од основачкиот договор на алијансата пишува дека напад на еден, значи напад на сите.

Иако надлежните се сомневаат дека лажните дојави за бомби доаѓаат од надвор, од министерството за одбрана не откриваат дали побарале помош од НАТО и ја префрлаат надлежноста на МВР. Додека пак од министерството за внатрешни работи велат дека превземале сеопфатни мерки и активности за расчистување на случајот, но, не можат да откријат од кого побарале помош.

– „Сите релевантни меѓународни безбедносни организации се активно вклучени и сме во постојана комуникација, додека конкретни детали кои се со степен на класификација не можеме да споделуваме во оваа фаза кога се превземаат опсежни дејствија“ – Велат од МВР.

Скопските средношколци на неколкупати досега беа предмет на психолошки терор, а во училиштата наместо ученици, на 5 наврати имаше анти-терористички единици и полициски кучиња.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста