Народната банка ја намали проекцијата за економски раст од 3,9 на 2,9%, а ја зголеми за инфлацијата на 8,8%

Намалени се  очекувањата за економски раст од 3,9 на 2,9 % годинава – стои во најновите априлски проекции на централната банка. Инфлацијата, пак, со драстиченн раст од 8,8% годинава. Причините се пролонгираната војна во Украина и пост ефектите од пандемијата поради кои цените на храната и енергенсите се вивнаа нагоре, трговијата забави, финансиските приливи се намалија, исто како и довербата на инвеститорите. Народната банка има и т.н. „црно“, односно попесимистичко сценарио, кое предвидува во случај оваа состојба да продолжи подолго, економијата да порасне за само 1,9%, а инфлацијата да достигне 9,8%. Порастот на цените се очекува да забави во втората половина од годинава.

„Во првата половина од годинава би се достигнала највисоката годишна стапка на инфлација, а постепено таа би забавувала, но умерено до крајот на годината. Причините за тоа се очекувањата за движењата на примарните производи. Ние сме нето увозник на храна, кај енергија секако, кај сите енергенси, секако примарните цени на светските берзи се од клучно значење за движењето на инфлацијата и кај нас“ – вели гувернерката Ангеловска – Бежоска.

Загриженост предизвикува и драстичниот раст на јавниот долг, кој во моментов колку-толку се држи во зоната пониска од 60% од БДП. Гувернерката посочува дека е неопходна фискална консолидација на среден рок. Смета дека треба да има помош за граѓаните и стопанството, но неопходна е претпазливост со фискалните мерки на Владата, бидејќи тие се финансираат од заеми кои се, се` поскапи на меѓународниот пазар.

„Во услови на понизок економски раст и притисок врз корпоративниот сектор се разбира дека има потреба од фискални мерки за поддршка и ублажување, но она што е многу важно – тие треба да бидат добро таргетирани, да има јасни приоритети, рационално однесување, елиминиирање на било какви непродуктивни трошоци со цел да се создаде простор да може фискалната политика да може да им помогне и на граѓаните и на компаниите за да го ублажат ударот од овој нов шок со којшто се соочуваат“ – вели гувернерката.

Во очекување Европската централна банка да ги подигне каматите нагоре, условите за кредитирање ќе се заострат. Дали ќе има ново зголемување на основната камата, ќе покажат анализите на НБМ. Според Централната банка, притисокот врз цените треба да спласне догодина. Инфлацијата би требало да падне на 3% во 2023-та, а од 2024-та натаму да се задржи на стабилно ниво од 2%. Економијата пак би требало да се зголеми за 3,6% догодина, односно за 4% во 2024-та.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста