„Наоружајте се со нерви“ пред да влезете во скопскиот сообраќаен хаос

Големо градилиште, во кое нема ни ред ни поредок. Ова со месеци е сликата на Скопје, поради зафатите што се прават на неколку сообраќајници. И додека организираните држави прават се – работите да ги завршат во ноќните часови, кога возила речиси и да нема по улиците, во Скопје, се гради во сообраќајниот шпиц. Неколкуте критични точки, им го прават пеколен животот на возачите.

Километарски колони, раскопани улици, нервозни возачи. Ваква е секојдневно сликата во главниот град, особено околу потесните грла во Скопје. Најкатстрофално е кај Момин поток, каде речиси две години се прави нова клучка, а градежните работи како да стојат во место. Во меѓувреме илјадници автомобили едвај се пробиваат по дупките и нерамниот терен со што се создава огромен метеж.

  • Со години не можат да направат една улица, срамота. Ова го нема никаде. Мислам дека ова не личи на ништо. Да треба да се направи, за тоа сме ги бирале, али не ова да трае вечно, реагираат граѓаните кои секојдневно кинат живци во сообраќајниот хаос во Скопје.

Слична е ситуацијата и кај приватниот универзитет ФОН, каде после неколку години конечно се постави асфалт на булеварот, иако и овде работите не се завршени до крај.

Кај Клубот на пратениците, пак, улицата стоеше раскпана од септември и автомобилите можеа да се движат само во една насока, кон Центар. По толку време, сега улицата е поврзана со кружниот тек кај Католичката црква. Паралелно, градските улици се полни со отпад, но и купишта градежни работи оставени среде улица. Дел од граѓаните реагираат – наместо Скопје да биде една од најурбаните метрополи, наликува на заостаната метропола.

  • Катастрофа, немам коментар. Едноставно не сакам ништо да кажам. Се нервираме, од сабајле возиме, хаос е ова низ град, една улица не знаат нормлано да направат, се жалат возачите.

И додека сообраќајот во Скопје никогаш не бил во поголем хаос, градоначланичката вели дека се работело за да биде подобро за сите. Не коментира зошто градежните активности се влечкаат со месеци, па и со години.

Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска најави реконструкција на улици во Центар, во Кисела Вода и на неколку други улици во неколку фази. Кога ќе завршат не кажа. Најави и изградба, реконструкција и асфалтирање на други улици, како и фекална и атмосферска канализација, нови зелени површини, кои како што кажа, биле дел од проектите на кои градот интензивно ќе работел во периодот што следи.

Дополнителен метеж создава и нередовниот автобуски превоз, откако приватниците беа отстранети од улиците, на постојките се чека и по еден час, па голем дел од оние кои можат да си дозволат, се одлучуваат да влезат во автомобил место во автобус.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста