Над 800 интелектуалци го потпишаа „Манифестот на македонските учители“- НЕ за понижувачкиот француски предлог

Македонскиот народ ќе биде дрво без корен и ќе нема можност за изразување на својот континуитет во просторот и времето – наставници, професори, научници, лекари, општествени и културни дејци, педагози, уметници, новинари сплотени како „Македонски учители“ ставија потпис на Манифест со кој се бара „НЕ“ за францускиот предлог, повикувајќи се на декларацијата на Обединетите нации за човековите права и на Европската коннвенција во духот на Крушевскиот Манифест и Манифестот на АСНОМ.

Додека власта упорно уверува дека македонскиот јазик ќе остане „чист“’ , потписниците на овој манифест реагираат дека во преговарачкиот процес преку билателарните протоколи со Бугарија македонскиот народ и македонскиот јазик ќе се сведат на еднострана изјава која нема важност пред институциите на ЕУ преку билателарните протоколи со Бугарија .

Македонскиот народ ќе биде дрво без корен и ќе нема можност за изразување на својот континуитет во просторот и времето. Со овој предлог уште пред да почне преговарачкиот процес Македонците ќе бидат сведени на вештачки конструкт од 1944 година.  Македонскиот јазик, според овој предлог, ќе биде историски непостоечки за ЕУ. Предлогот наведува дека „ЕУ ќе ги земе предвид соодветните еднострани декларации на Бугарија и на Македонија за македонскиот јазик“, а содржината на декларациите за македонскиот јазик не се соопштува. Како што ни е познато, бугарската официјална политика отсекогаш тврдела дека „македонскиот јазик“ не постоел пред 1944 година, но сега тоа ќе го верификува и ЕУ, бидејќи во сите идни документи на ЕУ каде се споменува македонскиот јазик ќе биде додадено „во согласност со Уставот на Република Македонија“, додека Република Македонија ќе мора да изјави „дека македонскиот јазик, како што се наведува во нејзиниот Устав, е официјален јазик на државата кој е кодифициран во 1945 година, стои во Манифестот.

Македонските учители го повикаа државниот врв  да застане на страна на македонските интереси и да отстапат од согласноста за францускиот предлог со кој македонскиот народ е предмет на омоловажување и понижување.

 Потписниците на Манифестот ги потсетија и европските челници на вистинските европски вредности и повикаа да не се промовира спротивното.

Неправедно е во 21 век од страна на ЕУ како чувар на европските и светските демократски вредности  да се наметнуваат вакви понижувачки услови во еден непристоен предлог од една водечка земја  во ЕУ (Република Франција) каде што се врши геноцид кон цел еден народ. Длабоко сме уверени дека ова не се вредностите на „најпрогресивната“ заедница на народи и држави за почеток на преговорите на Република Македонија со ЕУ и дека овој предлог во кој се наведени сите барања на официјална Софија за промена на историјата, за ограничување на правото на изразување на научната мисла, за негирање на македонскиот јазик како атрибут на македонската нација е неприфатлив и за вас, се додава во Манифестот.

Целта на Манифестот е да се повуика на обединување на сите сили прогресивни и демократски за почитување на волјата на народот, замрзнување на преговорите за членство во ЕУ додека Македонскиот народ не добие извинување за повреда на достоинство и суверенитетот.
како и неоткажување од македонскиот историски, културен и јазичен континуум.

Претходно и невладините организации јасно побараа одговори од Владата за тоа на кој начин со унилателарните декларации се  заштитени идентитетот и јазикот, за што наместо гаранции цело време  добиваме само уверувања.

Кристина Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста