Над 1.400 вработени, 3 милиони евра за плати, ниту еден проект – што работи Министерството на Груби?

Организирањето на забавата по повод годишнина од Рамковниот договор и школата за млади лидери која исто така беше дел од одбележувањето – е можеби единствениот проект на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците со кој раководи првиот вицепремиер Артан Груби. Министерството кое е меѓу рекордерите по вработени, повеќе од 1400, само за 2022 година, потрошило речиси три милиони евра за плати. А по се изгледа, не се организираат проекти со кои треба да се подобрат односите меѓу заедниците – што впрочем е првичната дејност на ова Министерство.

Ниту на официјалната веб страна, Јутјуб каналот, ниту на фејсбук страницата – не може да се види дека Министерството организирало нешто друго последниов период освен таканаречениот „Peace Forum“ кој беше во склоп со фестивалот посветен на Рамковниот договор. Најчесто, фејсбук страницата се користи и за промоција на вицепремиерот Артан Груби, што изјавил, каде гостувал и со кого бил на средба. Дел од главните дејности на Министерството се однесуваат на:  

Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците ги врши работите што се однесуваат на:

Функционирање на политичкиот систем.

Други прашања што се однесуваат на политичкиот живот и односите меѓузаедниците.

Давање на поддршка во подготвувањето на методологија за донесување на акциони планови на Владата во областа на правичната застапеност при вработувањето.

Се обративме до Министерството, колку и какви проекти организираше Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците последните две години, и колку пари се наменети за проекти кои би ги подобриле односите меѓу заедниците на годишно ниво? Одговор се уште нема.

Министерството беше основано во 2019 година, кога Собранието со двотретинско мнозинство ги усвои Законот за Влада и Законот за организација и работа на органите на државната управа. Така, Секретаријатот за Рамковниот договор стана Министерство кое требаше да ги прошири своите дејности. На администрацијата и требаше цела година за да го отвори официјалниот веб сајт, а се правдаа дека поради потребата од нејзина преработка и надградба, веб-страницата одредено време не функционирала. Истата година, Министерството потроши девет милиони евра за плати на вработените.

Институцијата со која раководи Груби беше на тапет и поради нерационалните трошоци од илјадници евра за жардињери, ажурирање на веб сајт и перење автомобили.  

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста