Наградата маж со трајни вредности заслужено во рацете на ректорот Миленковски

Ректорот на Универзитетот за туризам и менаџмент, проф. д-р Аце Миленковски, ја доби наградата Маж со трајни вредности на официјалниот избор на манифестацијата „Мажи на годината“ за 2022 година, во организација на „Џентлмен магазин“. На гала-вечерта за доделување на наградите, која се одржа вчеравечер во „DoubleTree by Hilton Skopje“, во присуство на голем број јавни личности од бизнис-заедницата, политичари, дипломати, награди добија тринаесетте најуспешни мажи во Македонија за 2022 година.

На официјалното врачување на оваа награда доделена од стручното жири на манифестацијата, ректорот Миленковски изјави дека му преставува огромна чест и задоволство да добие токму вакво признание во својот живот, особено што трајните вредности се тие врз кои се заснова неговиот личен и професионален успех.

„Задоволството е огромно кога вашиот труд, упорност и посветена работа ќе бидат препознаени од експертската јавност, а уште поголема чест е кога признанието ќе дојде од поширокото општество. Не е лесно да се биде најдобар – тоа е привилегија, но и тежок товар. Ова е голема обврска за мене лично, но и за Универзитетот со кој менаџирам, да продолжиме да работиме посветено и да создаваме нови генерации млади професионалци што ќе останат да работат во Македонија, да придонесат за подобра иднина тука, во својата татковина“, рече ректорот Миленковски пред присутните гости.

Тој се осврна на целите на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, кој ја исполнува својата мисија да создава знаење, да спроведува највисоки стандарди и секогаш да се стреми кон одличност во образованието.

„Образованието е најмоќното оружје што можете да го употребите за да го промените светот. Овој цитат на Нелсон Мандела е еден од најпознатите за вредноста на образованието. Убавата страна на учењето е тоа што никој не може да ви го одземе, ниту самиот процес ниту наученото“, порача ректорот пред присутните во салата.

На петтиот јубилеен избор беа наградени тринаесет мажи што оставиле белег во нашето општество преку своите достигнувања во 2022 година. Изборот го изврши жири-комисија сочинети од членови од различни институции, докажани новинари, претставници од бизнис-секторот, режисери, стилисти. Оваа манифестација се одржува секоја година во ноември, месецот посветен на машкото здравје.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста