МПЦ и СПЦ на чекор до помирување

По повеќе од половина век Српската и Македонската православна црква на чекор до помирување. Ова дефинитивно ќе биде една од темите за кои ќе расправа Соборот на српската црква кој почнува во недела.

Според најавите на дел од српските владици решението на спорот е се поблизу, но дали тоа ќе подразбира и потполна автокефалност за МПЦ-ОА е неизвесно.

Како дел од Синодот на СПЦ, придружувани од Неговата Светост, пред некој ден имавме средба со претставници на Македонската православна црква во Нишката епархија. Тој е еден интересен дијалог, дијалог на љубов, верба и надеж и се надеваме дека ако даде Бог ќе има единство, но прво да се молиме сите на Бога. Македонската православна црква, односно Охридската архиепископија, на овогодинешното заседание на Парламентот во Белград во мај ќе се врати на канонско единство со Српската православна црква, а со тоа и на канонско единство со сите помесни православни цркви, изјавил зворничко-тузланскиот владика Фотиј.

Синодот на МПЦ најави дека разговорите со СПЦ продолжуваат во позитивна насока но подалеку од очите на јавноста. Тие се оптимисти и велат сме блиску до добивање автокефалност.

Во случајот на МПЦ, хиерархија добиваме преку Српска православна црква. Значи треба СПЦ да предложи до останатите православни цркви, а потоа томосот да го потпишат заедно и српскиот и евентуално цариградскиот патријарх или цариградскиот и останатите. Но кога ќе биди тоа, не зависи од нас. Ние се молиме и работиме на тоа“ вели македонскиот Владика Тимотеј во изјава за Гласот на Америка.​

Официјално СПЦ се уште не даде коментар по одлуката на Цариградската патријаршија да ја прогласи МПЦ за канонска. Дел од српските познавачи на црковното прашање пак тврдат дека признавањето на Охридската Архиепископија било мешање во односот СПЦ-МПЦ, а на што Вселенскиот Патријарх Вартоломеј нема право.

Кај источниот сосед пак, познавачите на црковното прашање, не можат да се помират дека Вселенската Патријаршија ја призна Охридската архиепископија како Црква на македонска територија.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста