„Мора некој и да умре, не може секого да спаси“: Задоволни пациенти со овации и аплаузи го пречекаа Жан Митрев пред Кривичниот суд

Мора некој и да умре, не може секого да спаси, тој не е светец, но е ангел на земјата. Со вакви пораки и аплаузи задоволни пациенти го пречека Жан Митрев пред Кривичниот суд, каде тој дојде во улога на обвинет, бидејќи се гони дека во ек на пандемија мамел пациенти со ковид 19. Како беше пречекан, така беше и испратен од рочиштето кое се одложи. 

-Прво да заврши аплаузот, ова е вистинската слика за доктор Жан Митрев и не може да ја прекинеме, тоа е Жан Митрев, порача адвокатот Никола Додевски додека ги слушаше аплаузите.

-Тој е ангел на земјата, не е човек. Мора некој и да умре, не може сите да ги спаси. Значи за некој нема лек, ако нема лек нема век.

-А сите тие други што не дојдоа на време, одиме ваму или таму или со оние калкулации за колку време ќе треба да продадеме кола или да земеме кредит, се знае услови во приватна болница, тие се условите. Они неразумни, ретардирани каснеа по 5-6 дена и после кога ќе отидат доктор Жан Митрев не е светец, порача еден од задоволните пациенти.

-Доктор Митрев е чесен човек кој што се дава за своите пациенти без разлика на нивна политичка етничка, религиозна припадност итн, порача еден од нив.

Рочиштето повторно беше одложено, а обвинителката Искра Хаџи Василева изрази надеж дека наредниот пат конечно ќе започне овој судски процес.

-Обвинителството останува на поднесеното обвинение, уверени сме со силината на доказите, кои ќе ги изнесеме пред судот. Не знам, можеби е страв од доказните, воопшто ова одбегнување од почнување на расправата и соочување со доказите, изјави Хаџи Василева.

Одбраната изразува задоволство што добиле време да извршат преглед во доказите на Обвинителството, иако се жалат дека краток им бил периодот.

-Одбраната за ваков предмет бара 30 работни денови, добива 15, тоа е нашето правосудство, но еве и за 15 дена ќе се обидеме да завршиме, да го подготвиме Жан, бидејќи вистината ја подготвува одбраната, изјави адвокатот Додевски.

Основното јавно обвинителство поднесе обвинение против Митрев на 10 јануари, тој се гони за кривично дело измама, а поврзано со лекувањето ковид-пациенти со методот хемофилтрација. Според обвинеието Митрев ги довел во заблуда пациентите дека со овие методи нуди алтернативен начин за лекување од ковид, што нема врска со вистината.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста