Молк од сите страни дали ќе има продолжување на учебната година, нова рунда преговори в петок

Тричасовната средба меѓу СОНК и Владата заврши без епилог и без ниту еден конкретен одговор. Работните групи и помирувачот по втор пат сендаа на иста маса, ама по состанокот не сакаа да кажат што се зборувало. Па така прашањето кое ги засега сите до кога ќе се оди во школо – ниту денеска не беше одговорено.

Останува неизвесно дали учебната година ќе заврши на 10-ти јуни или пак ќе биде продолжена поради изгубените денови за време на штрајкот.

Иако, Синдикатот останува на барањето за зголемување на платите од 18,4%, власта не попушта и инсистира да ги прифатат 12% зголемување и К-15 од догодина. Нова рунда преговори синикалците најавија за в петок.

  • Заврши денешната рунда на преговори со МОН, под покровителство на помирувач. Сите прашања кои се отворени, врз основа на нашите барања беа дискутирани, анализирани, аргументирани од двете страни, велат од СОНК.

Првиот синдикалец, пак, Јаким Неделков е оптимист дека до крајот на неделава може да се изнајде решение и да нема потреба да се активира втора медијација која би траела уште 10 дена.

  • Десет дена ни е рокот за усогласување на ставовите по однос на медијација. Постои законска одредба каде што еден од партнерите ако не е задоволен со постигнатите резултати, поднесува барање за продолжување за уште 10 дена. Сакам да бидам оптимист и да бидам убеден дека за 10 дена ќе најдеме решение. За сета среќа не почнуваме од нула, што би ни одзело многу време и многу енергија туку продолжуваме таму каде што сме застанале, рече Јаким Неделков, претседателот на СОНК.

Од Синдикатот, како што е познато, повеќе пати нагласија дека ако помирувањето не вроди со плод, штрајкот во училиштата и градинките повторно ќе се активира откако ќе помине времето на помирување од 10-те дена.

Една од опциите за крај на школската година е скратената програма за настава, но и работа на некоја сабота, а околу полагањето на матурата од СОНК велат дека одговорноста е кај ресорното министерстви и Бирото за равој на образованието, а тие ќе им помогнат ако тоа биде побарано од нив.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста