Молк од надлежните за иредентизмот и територијалните претензии на бугарската „Фондација Македонија“

Македонските институции се слепи и глуви. Никаква реакција за иредентизмот и промовирањето на територијални претензии, ширењето бугарска пропаганда, како и дискредитирањето македонски граѓани и политичари од страна на бугарското здружение наречено „Фондација Македонија“, предводена од бугаринот Виктор Стојанов.

И додека тие недвосмислено повикуват за уривање на македонскиот уставен поредок, се уште е нејасно дали нашите институции ова не го забележуваат, го игнорираат или едноствно не работат на заштита на државата и на државните интереси.

Нашите институции молчат не само за активностите на „Фондација Македонија“ туку и за низата други провокации кои догаѓаат од Бугарија.

Поранешниот бугарски министер за одбрана Красимир Каракачанов кој својата политичка кариера ја изгради со македонското прашање, пред неколку години се закануваше дека ќе испрати тенкови во Македонија за да ги сруши спомен-таблите каде се споменува Бугарскиот фашистички окупатор.

И европратеникот Ангел Џамбаски најавуваше дека нема да постојат граници меѓу Македонија и Бугарија, па ќе биле отворено од Охрид до Црно Море, оти од двете страни живеела една нација.

Нема реакција ниту за бугарската пропаганда на каналот БНТ4 кој зрачи во Македонија, а кој пласира програма со преиначена историја, го негира постоењето на македонскиот народ, ги преименува македонските градови, а македонските револуционери ги претставува како Бугари.

Нема реакција ни за отворањето на бугарските клубови со спорни имиња како „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис Трети“. Единствено, по серијата прилози на ТВ Алфа и огромниот притисок од јавноста, Обвинителството реши да ги испита наводите за нивна регистрација и функционирање.

Од друга страна Бугарија не пропушта прилика да реагира и да испрати протестна нота и за најбанални работи кои немаат никаква врска со правата на малцинствата во Македонија. Изминативе години македонскиот амбасадор беше редовен гостин во бугарското МНР – му се укажуваше за се и сешто, од реакциите во јавноста за минатогодишниот претставник на Евровизија Васил Гарвалиев до транспаренти истакнати на фудбалски натпревари, па се до исвиркувањето на бугарските претставници на чествувањето на гробот на Гоце Делчев среде Скопје.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста