Молк од Илинденска: Макрон бара решение со Бугарија до крајот на јуни, Владата не одговара што планира

Францускиот претседател Емануел Макрон бара договор меѓу Македонија и Бугарија до крајот на јуни, македонските власти молчат околу следните потези. Прашавме дали веќе постојат подготвени барања за интервенции во францускиот предлог, кој беше одбиен од премиерот Ковачевски или пак се подготвува предлог од наша страна за крај на овој спор. За жал, засега не добивме никаков одговор.

Поздравувајќи ја одлуката на бугарскиот Парламент да го прифати францускиот предлог и втор пат во два дена нарекувајќи не Северномакедонци, Макрон порача дека се надевал на договор меѓу Македонија и Бугарија до крајот на овој месец.

-Ќе продолжиме со ова. Ги имаме преговорите со бугарските и северномакедонските  колеги да се најде решение и постигне договор во следните неколку дена и сите се подготвени тоа да се формализира. Би сакал да им се заблагодарам на бугарскиот премиер, коалициските партнери, опозициските партии кои тоа го изгласаа. Честитки за Македонија на напредокот. Се уште има работа да се заврши, но ова сепак е напредок, изјави Макрон.

Ваквата порака на Макрон доаѓа откако Македонија, барем засега, доживеа уште еден неуспех кога е во прашање стартување на преговори за членство во Европската унија. Запрашан дали размислува за оставка поради новата европска блокада, министерот за надворешни работи порача дека било прашање дали ова е нов неуспех.

-Прашањето на успех е релативно, зависи што значи успех. Дали е заштита на интересите на државата, државните позиции е успех или нешто друго. Ние не го квалификуваме ова прашање како црно бело прашање на успех и неуспех, ова е наша без алтернативна борба да станеме членка на ЕУ, притоа запазувајќи ги државните интереси и интересите на граѓаните, изјави Османи.

Премиерот Ковачевски пак порача дека ваквиот француски предлог не е прифатлив, но дека Македонија е подготвена постигне договор со Бугарија до крајот на месецов.

-Предлогот на француското претседателство за деблокада на нашиот европски пат во ваква форма, каква што е во моментов, е неприфатлив за мене, за претседателот на државата, за Владата, за коалициските партнери и за граѓаните на Македонија…Доколку во текот на француското претседателство се постигне разбирање за нашите позиции, ние сме подготвени да се вклучиме во разговори за истите, за да се започнат преговори до крајот на јуни, изјави Ковачевски.

Проблем за нас во овој момент секако претставува цврстиот бугарски став околу спорот со Македонија, кој во Бугарија е речиси едногласно прифатен од сите политички фактори.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста