Молкот е главниот адут во гардот на МНР – Тишина за провокациите во Бугарија, осуда за провокациите во Македонија

Бугарско знаме на споменикот на Гоце Делчев, отворање на Клуб со име на познат соработник на фашистите, негирање на јазикот и идентитетот – не се доволна причина за Македонија да реагира. Исвиркувањето на бугарската химна предизвика брза осуда министерот за надворешни работи Османи и премиерот Ковачевски.

Злоупотребата на овие настани за ширење на омраза и нетрпеливост претставуваат суштинска спротивност на нивната основна замисла.Северна Македонија и Бугарија и во иднина ќе продолжат активно да работат на унапредување на меѓусебните односи, како земји сојузнички во НАТО, идни партнери во Европската Унија, и пред сѐ, добри соседи – велат од МНР.

Првиот човек на Владата, кој го гледаше натпреварот на скопскиот стадион со негови сопартијци тврди дека Македонија реагирала и за бугарските провокации, не само за македонските. .

Не е точно дека не сме реагирале, ние секогаш сме реагирале кога има дејствија кога се нарушува углед по било кој основ. МНР реагираше, но реагиравме и на друг натпревар во којшто играа репрезентациите, но сепак сметам дека најдобар начин да се навива е да се бодри сопствениот тим и да се почитуваат пратениците. Тоа важи за нас секако, но важи и за нашите противници – изјави Ковачевски.

Фактите, по се изгледа, го демантираат премиерот. Молкот е главниот адут во гардот на МНР. Оттаму не реагираа ниту за здружението во Охрид, „Цар Борис Трети“, ниту пак за бугарската пропаганда на каналот БНТ4 кој зрачи во Македонија, а се пласира програма со преиначена историја, се негира постоењето на македонскиот народ, се преименуваат македонските градови, а македонските револуционери се претставени како Бугари. Министерството за надворешни работи не препозна причина за низа политички провокации па на Официјална Софија и возвраќа со смирувачки тонови за да не се нарушат добрососедските односи.

-Тоа би било погрешен пристап, затоа што различните историски интерпретации не смееме да ги ставиме под „говор на омраза“. Под говор на омраза, јасно кажува нашето законодавство што е – омаловажување поради карактеристики на човек и припадност во група и мислам дека ако го прошириме тоа во историските интерпретации, тогаш мислам дека отвораме поле на нови ризици, во една прилика Османи.

Алфа веќе три дена чека одговори од МНР, зошто молчат на бугарската пропаганда која се шири на социјалните мрежи. Дали воопшто македонската дипломатија ќе реагира за фејсбук страниците каде се шири говор на омраза кон Македонците, се негира македонскиот јазик, а за бугарските активисти кои се дел од оваа мрежа македонскиот народ постоел благодарение на Бугарите.

На страниците како „Македонија е бугарска“, редовно се негира се што е македонско, се пропагира дека македонскиот јазик бил создаден во поранешна Југославија, а македонската историја била фалсификат.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста