„Модата“ на прес конференции без новинарски прашања го „зарази“ и министерот Фатмир Бесими

Грешка во протокол или пак обид да се скрие новиот заем од Шпаркасе банка? Министерот за финансии Фатмир Бесими денеска по официјалното потпишување амандман на договор за грант со УСАИД, не застана да одговара на новинарски прашања и покрај тоа што настанот беше уредно најавен, новинарски прашања беа предвидени, а новинарите замолени поради логистички причини да дојдат и 15 минути порано.

Бесими призна дека можеби се работи за грешка во протоколот и ги информираше новинарите на краток брифинг по завршување на пресот. Но токму кога мислевме дека нема да добиеме ништо важно како одговор, Бесими шокираше со објавата на новото задолжување кај Шпаркасе банка. Инаку министерот е секогаш расположен за одговарање на новинарски прашања, но проблемот е што ретко се појавува на прес конференции. Во ек на енергетска криза и висока инфлација на прсти се бројат неговите појавувања во јавноста. Токму затоа и новинарите имаат еден куп прашања на ретките пресови кои ги одржува. Затоа пак, редовно секоја недела пишува колумни кои неговата служба ги праќа до медиумите.

Она што ја загрижува новинарската фела е дека ваквите прес конференции стануваат сè почести. Изјави не е предвидени или не се предвидени новинарски прашања. Вака во последно време изгледаат поканите од владините функционери за јавни настани. Доаѓаат покани за медиумите само  да проследат настан и да слушнат што имаат да си кажат министрите и да се пофалат, но прашањата кои јавноста ги бара преку новинарите, немаме можност ниту да ги поставиме.

Претходно и во покана за настан на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, изјави не беа предвидени на 23-ти август.

„Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и командантот на ЕБР, Вице Столески, ќе се обратат на свечена цереномија по повод одбележување на Денот на формирањето на ЕБР… изјава не е предвидена“

Прашањата не беа предвидени и ги немаше ниту кога премиерот Ковачевски се појави во Тетово на 13-ти август.

„Премиерот Димитар Ковачевски, министерот за финансии Фатмир Бесими, министерот за економија Крешник Бектеши ќе се обратат на настан… Не се предвидени новинарски прашања“

Слично и ПР службата на МНР, некогаш не е расположена за прашања за Бујар Османи и неговите гости. Таков беше случајот при последната посета на шефот на грчката дипломатија Никос Дендијас, кога новинарите не можеа да добијат одговори на многу прашања околу имплементацијата на Преспанскиот договор, пред се од грчка страна.

„Поради кратката агенда на министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендијас, нема да има простор за новинарски прашања“

Ваквите потези на одбегнување на новинарските прашања се случува истовремено додека Владата се фали дека е транспарентна и дека тоа ќе стане политичка култура на однесување. Со секоја чест на исклучоците, на прсти се бројат одговорите на прашањата кои новинарите ги поставуваат на официјалните службени мејлови во Владата и министерствата.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста