ММФ: Една третина од светот ќе биде во рецесија во 2023 година

Најлошото допрва доаѓа. 2023-та ќе биде тешка година, а третина од светската економија ќе биде во рецесија – предупредува директорката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева. Според неа, годинава ќе биде уште потешка од претходната, бидејќи забавување на економските активности се забележуваат во САД, ЕУ и Кина. Дури и во државите кадешто ќе нема рецесија, стопанството и граѓаните ќе ја почувствуваат кризата која ќе се прелее и во нивните економии. Георгиева рече дека ММФ очекува втората најсилна светска економија Кина, да порасне под или да биде на нивото на глобалниот економски ратс за првпат во последните 40 години. Стопанството на земјата е под влијание на порастот на заболени од Ковид откако беа укинати строгите мерки и напуштањето на „нулта ковид“ политиката.

„Трите најголеми економии, САД, Европската Унија и Кина забавуваат истовремено. Очекуваме една третина од светската економија да биде во рецесија. Дури  и во земјите кои нема да бидат во минус, тоа ќе изгледа како рецесија за стотици милиони луѓе. Економијата на САД  е најотпорна, тие можат да избегнат рецесија. Гледаме дека пазарот на труд останува силен. ФЕД можеби ќе треба да води остра монетарна политика подолго за да ја намали инфлацијата. ЕУ е силно погодена од војната во Украина. Половина од Европската Унија ќе биде во рецесија годинава. Економијата на Кина дополнително ќе забави. 2023-та ќе биде тешка за Кина“ – вели Кристалина Георгиева – дирректор на Меѓународен монетарен фонд.

Пред неколку месеци, ММФ ја намали својата проекција за глобалниот економски раст годинава на 2,7% поради последиците од војната во Украина, високата инфлација и високите каматни стапки. Ова  е најлоша прогноза во последниве 22 години, со исклучок на годините на пандемијата и светската финансиска криза. Фондот, пак, смета дека глобалната инфлација ќе се намали од 8,8% лани на 6,5% во 2023-та. Светските случувања секако нема да ја одминат Македонија. Годинешниот буџет е скроен врз основа на проекции за раст од 2,9% и инфлација од 7,1%. Аналитичарите предупредуваат власта да внимава со задолжувањето во 2023-та, бидејќи потресите во Европа, а особено нашиот најголем трговски партнер Германија, можат да предизвикаат краткотрајна рецесија и потреба од екстра пари за помош на населението и бизнисот.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста