Млекото станува луксуз, пазарниот инспекторат од понеделник во нови контроли кај трговците и млекарите

За сточарите 22 денари, на рафтовите во маркетите и до 100 денари чини литар млеко. Еден од најосновните прехранбени производи руши ценовни рекорди. Во чии џебови оди разликата од речиси 80 денари никој не кажува. Од Државниот пазарен инспекторат велат дека досегашните контроли не покажале неправилности. Влезните трошоци биле повисоки, па затоа и цените се вивнале нагоре. Биле забележани случаи на нови зголемени цени неколку дена последователно. Во понеделник ќе следи нова тура инспекциски контроли на сите вклучени во синџирот на снабдување на населението со млеко.

„Има во одредени ситуации вкалкулирано трошоци кои и не влегуваат во оние производствени трошоци и им укажавме дека треба да ги тргнат. Затоа во текот на летото имаше некоја корекција на цената на млекото. Во понеделник повторно ќе видиме дали се движат во рамки на оние производни трошоци кои реално ги направиле за да ги вкалкулираат во цената, бидејќи тоа не подлежи на ограничување согласно одлуката и дали цената која ја имаат кон трговците на големо е со маржа ограничена согласно одлуката“ – велат од Државниот пазарен инспекторат.

Граѓаните укажуваат дека млеко има сè помалку на рафтовите во продавниците и маркетите. Имало случаи и на млеко кое било на акција, а на каса се наплатувала повисока сума.

„Кажуваат купувачите дека некои трговци попладне ги тргаат цените и количините, а следниот ден продаваат по нови повисоки цени. Ќе провериме кај трговците на мало дали направиле нивелација на цените или навистина имале нова набавка за да ги зголемат цените“ – велат од ДПИ.

Освен апел до млекарниците и трговците да се однесуваат разумно и да не ја искористуваат ситуацијата за прекумерно да заработуваат, од Владата речиси и да нема помош. Вицепремиерот Битиќи побара од пратениците да предложат Закон за воено профитерство за да се санкционираат ваквите случаи, бидејќи според него, невозможно е одредени цени да се толку многу високи. Владата ги ограничи маржите во трговијата до крајот на годината. И покрај ваквата мерка, млекото од ден на ден е сè поскапо во продавниците. Додека бизнисот тврди дека влезните трошоци биле преголеми, па и цените морале да се зголемат, сточарите останаа со празни раце. Субвенции немале земено веќе две години. И дадоа рок на Владата до крајот на месецот да ги исплати, инаку ќе протестираат на улица. Според државната статистика, млекото за една година поскапело за 27%.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста