МКЦ им исплаќал над 750 евра месечно на шанкерите за да не избегаат во странство, алармираат дека имаат и мобинг

Нема ништо спорно во сумата што месечно им била исплаќана на шанкерите во МКЦ, зашто било единствениот начин да ги задржат на работа. Од програмскиот колегиум на институција објаснуваат дека со работењето на ресторанот во рамките на МКЦ добивале дополнителни приходи, кои добро доаѓале како помош за извршување на основната дејност на центарот. Вработените ги повторија барањата да не им се крати буџетот.

На шанкерите во МКЦ им биле исплаќани 750 евра месечно за да не побегнат во странство, со што, ресторанот ќе требало да биде затворен, а институцијата би останала без дополнителни приходи, вели менаџментот од установата. Појаснуваат дека биле ангажирани студенти, кои некогаш работеле и двојна смена, која секако дека треба да се исплаќа како хонорар, со платен данок.

  • Што се однесува до сега веќе бомбастичните наслови дека „шанкер зема 750 евра плата во МКЦ“, тоа е во недостаток на редовен вработен персонал, секако за да оствариме сопствени приходи ќе се потпираме на сѐ уште расположливи надворешни млади луѓе, кои се останати во градот и сакаат да работат. Најчесто тоа се студенти, кои чесно работат за дневница, често и двојни смени, која на крај на месецетот врз основа на сработеното им се исплаќа како хонорар, со платен данок. И секако 90 договори не се 90 лица – паушален одговор за 12 месеци во годината се 7 извршители месечно, секое со свој посебен месечен договор. Како и да е, на секој од нив посебно сме им благодарни, велат вработените од установата.

За надпросечните примања на шанкерите од 750 евра месечно велат дека биле заработени со труд и не било фер тој да се потцени.

  • Малициозни се изјавите со кои се потценува трудот на овие млади луѓе во градот, драгоцени, кои се уште се трудат да останат овде и чесно да си ја заработат својата дневница. Понекогаш работат и по 12 саати, и на фестивали, опслужуваат и по 1000 и 2000 луѓе. Навистина ми е жал да го потцениме нивниот труд и работните одговорности кои ги имаат во текот на работењето, велат од програмскиот колегиум во МКЦ.

Тие уште еднаш посочија дека буџетот на институцијата е скратен наспроти тврдењата на градоначалничката дека нема кратење.

Вработените велат дека буџетот на МКЦ е скратен, а надлежните наместо да работат сакаат да ја партизираат установата. Тие бараат да престане мобингот и заканите кон вработените, и ако имало нерегуларности тие да се докажуваат по законски пат.

  • Овие денови се тешки за МКЦ, но и за културата воопшто. Се случуваат разни клевети, невидени притисоци врз нас вработените, се дозволуваат паушални толкување на законите и правото, се креваат раменици и оградување од надлежности. Но, за нас се случува нешто најважно: младите во Скопје ја разбраа нашата заложба сиве овие години – да креираме еден европски простор. Се менуваат власти, се менуваат и уредници, но центарот – како поле за нивно изразување и промовирање – останува само нивни. Максимално сме горди и благодарни што за разлика од некои други времиња, сега конечно сме на иста страна. Сакаме отворен, модерен и современ град. Сакаме закони, право и правичност, велат вработените.

Поставувањето на директорот кој е професионален детектив, според нив е политизација на институцијата и бараат да се отвори регуларен конкурс за избор на квалификуван директор на МКЦ.

Вработените уште еднаш посочија дека буџетот на институцијата е намален наспроти тврдењата на градоначалничката дека такво нешто немало.

Алфа се обиде да стапи во контакт со новиот в.д. директор Ванчо Богоев, но од таму ни кажаа дека бил на состанок и не бил расположен за коментар.

И додека директорот се крие од јавноста, во МКЦ и натаму нема комуникација меѓу вработените и новиот в.д. директор Ванчо Богоев, а се откажуваат и дел од програмските содржини, откако директорот-детектив ги смени бравите на канцелариите во установата. 

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста