Мицкоски: Ќе испратиме допис до ЕУ за злоупотребата на европското знаменце


ВМРО ДПМНЕ ќе испрати допис до сите амбасади на земјите членки на ЕУ и до Европската комисија со кој ќе алармира дека власта ја злоупотребува ЕУ за како што велат криминалниот проект со Коридорите 8 и 10д. Тоа што власта и покрај реакцијата на ЕУ дека не треба да се става европско знаменце на законите, си тера по свое, за првиот човек на партијата Христијан Мицкоски покажува дека владејачката коалиција не е достојна на европските вредности.

“Чекам реакција од страна на канцеларијата на ЕК во Македонија и амбасадите на земјите членки на ЕУ. До овој момент нема никаква реакција. Очигледно се работи за злоупотреби. Ќе испратиме допис до сите тие институции, кои се задолжени да ги промовираат европските вредности, а се дозволува овде во Македонија тие вредности да се кршат. Ние како ВМРО-ДПМНЕ не можеме сами да се избориме, но сепак ќе ги упатиме на сите аргументи кои пакуваат дека станува збор за криминал” – изјави Мицкоски.

Изјавата на вицепремиерот Бојан Маричиќ, кој рече дека одлуката за европско знаменце била политичка, и воопшто не изрази загриженост кога реагираше мисијата на ЕУ во земјава, според Мицкоски покажува дека Маричиќ поддржува кршење на законите, а проектот не бил ништо друго освен епски потфат за криминал.

“Тој јавно признава дека поддржува кршење на законите. Се потврдува тезата дека го злоупотребуваат името на Европската унија. Тие ни оддалеку не се достојни на европските вредности. Еден ден ќе има одговорност, тој ден ќе дојде многу брзо” – изјави Мицкоски.

Владата си одлучи со европско знаменце да се носат измени на Закон за работни односи, на Законите за градба, за урбанистичко планирање, за експропријација, и на специјалниот закон за автопатиштата што треба да ги гради американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка. Проектот за изградба, уште од самиот почеток го следат контроверзии. Се заобиколија закони, имаше проблеми и со изборот на надзор. Според најавите, автопатите треба да бидат завршени за 4 години и седум месеци.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста