Мицкоски: Уставни измени под диктат на Бугарија нема да има, ВМРО-ДПМНЕ нема да го дозволи тоа, Ковачевски нема легитимитет да ги внесе Бугарите во Уставот

Уставни измени нема да има, ВМРО-ДПМНЕ нема да го дозволи тоа. Нема веќе уценети политички структури кои за жал биле дел од партијата и исплашени од судски прогон ќе гласаат, како што беше случајот со Преспанскиот договор, порача лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски. Тој потенцираше дека уште кога го прифати францускиот предлог, власта создала проблем кој нема како да го реши. Според него овој пратенички состав нема легитимитет да носи одлуки како уставните измени.

-Сега го префрлаат тежиштето на мај, јуни, еве јас ви велам дека тоа нема да се случи ниту во мај, ниту во јуни, затоа што ние имаме принципиелен став од самиот почеток. Создадоа проблем кој што не можат да го решат, создадоа проблем кој што сите ние го имаме и ако продолжат дополнително да го комплицираат, ќе се треснат сите во една мртва улица. Но за жал тоа ќе биде еден огромен проблем за сите граѓани и за Македонија како држава, изјави Мицкоски.

Околу изјавата на Жозеп Борел дека за преговарачката рамка не може да се преговара, Мицкоски кажа дека ги цени изјавите на европските дипломати и политичари, но дека станува збор за двостран процес. Пред да биде прифатен оној француски предлог, според Мицкоски требало да биде прашана и опозицијата и македонските граѓани, а не да се прифати таков предлог без дискусија сите фактори во државата.

-Ова е двонасочна улица и треба да го знаете и нашето мислење и затоа сме подготвени да седнеме и очи во очи да разговараме и да најдеме решение за проблемот, кој што го создадоа овие политички криминалци на Владата на ДУИ поддржана од СДСМ. ВМРО- ДПМНЕ не бега од разговори за иднината на македонскиот народ. Но доколку тема на разговори е отворање на Уставот во овој состав на Парламентот, под овие околности и под бугарски диктат, нашиот одговор е јасен, силен и недвосмислен, тоа нема да го прифатиме и тоа нема да се случи, изјави Мицкоски.

И покрај противењето на опозицијата, но и на народот, власта по секоја цена сака да ги протурка уставните измени, што сепак во моментов изгледа невозможно бидејќи ги немаат потребните 80 пратеници.

Инаку дури 80 проценти од Македонците, односно 65 проценти од целата популација во државава се против уставни измени и внесување на Бугарите во уставот, покажува последното истражување на „Социетас цивилис“.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста