Мицкоски предупредува: Економија пред крах, голем број работни места може да останат без работа

Економијата и бизнисот пред крах, голем број граѓани во опасност да останат без работните места. Владата со мерките кои ги објави не помага воопшто на економијата. Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски потенцира дека игнорантскиот однос на власта директно на своја кожа ќе го почувстуваат луѓето. Според него недозволиво е власта да не донесе ниту една мерка за помош на бизнисите, од кои зависи егзистенцијата на голем број работници. Мицкоски откри дека Фени од Кавадарци целосно го прекинува производството, а истото го сториле и Бучим, додека пак во опасност е доведена работата на Макстил и рудникот Саса, со чиј прекин на работата државата губи милијарди евра од извос.

Тоа што се случува изминатиов период е комплетно игнорантски однос од страна на власта кон стопанството, но исто така и надмен однос од страна на власта кон опозицијата наместо да биде конструктивна, да ја прифати понудата, да седне да разговара, да преговара, таа вечерта организираше прес конференција за да каже ништо, а само да ја задоволи сопствената суета, изјави Мицкоски.

Мицкоски објави дека ВМРО-ДПМНЕ преку свои контакти во Швајцарија, Германија и Чешка нашле поевтини количини на мазут и природен гас, повиквајќи ја Владата на најбрза можна реакција. Лидерот на опозицијата изрази жалење што Владата не го прифатила предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, со кој Македонија ќе заштедела 300 милиони евра во енергетската криза, а ќе бидат спасени и голем број работни места. Порача дека се уште стои понудата за купување на двојно поевтина струја.

-Клучна поента е дополнителни количини на електрична енергија од домашно производство добиени со користење на евтин ресурс за стопанството и економијата да може бизнисот да се развива, а работниците да ги задржат своите работни места. Дополнителни количини на топлина, за да може скопјани и сите корисници на централното греење во главниот град Скопје да не плаќаат повисоки сметки, изјави Мицкоски.

Ковачевски од собраниска говорница го повика Мицкоски, сите контакти кои ги имал да ги прати до министерот за економија, Крешник Бектеши и доколку понудите кои ги имале бидат најповолни ќе бидат прифатени.

-Кај министерот за економија нека се достават сите тие контакти, цела таа евтина електрична енергија, за да видиме какви се понудите. Нормално е таму има комисии, не ги гледа еден човек, какви се условите за испорака, кој е според меѓунардоните точката на преземањето на енергенсите, вискозитетот ако се работи за мазутот, кои се цените, изјави Ковачевски.

Мицкоски го повика Ковачевски на дуел на кој сака медиум и во кое сака време, каде тие двајца ќе ги кажат плановите за објавување на енергетската криза, а побара и средба со премиерот во Владата.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста