Мицкоски: Потребни се избори за влада избрана од народот

Несигурноста и неединствениот став на владата на СДСМ и ДУИ ја донесе Македонија во позиција да трпи лавина од критики, навреди и понижувања од бугарските политичари. Покрај сите отстапки што ги направи оваа влада, Македонија продолжува да тоне во студена дипломатска војна со Бугарија. Мицкоски предупредува дека некој намерно сака да ја втурне Македонија во ќорсокак и да ги политизира европските интеграции и критикува дека од политички маргиналци се создаваат политички херои.

  • „Властите во Македонија да престанат со ваквиот тип на аматеризам и дека за сѐ што е во заштита на македонските национални интереси ВМРО-ДПМНЕ е тука да подржи, а на политичарите во Бугарија им порача да се позанимаваат со стандардот на нивната држава која се иселува наместо да прават кампања за тоа кој повеќе ја мрази и плука Македонија. Мојата порака до македонските власти е да престанат со овој тип на аматеризам, аналфабетизам и егзибиционизам и сѐ што е во заштита на македонските национални интереси ВМРО-ДПМНЕ е тука, да поддржи, да застане и да истапи во првите редови. А мојата порака до бугарските политичари е да се посветат на подобрување на стандардот во нивната Бугарија, наспроти тоа да градат кампања на тоа кој повеќе ја мрази и кој повеќе плука по Македонија и по Македонците“ рече Мицкоски.

Во еден ваков амбиент, вели претседателот на најголемата опозициска партија уставните измени се невозможна мисија. И покрај тоа што Македонија ги направи сите отстапки кои ги бараа соседите, Брисел и денеска не гарантира дека внесувањето на Бугарите во Уставот ќе биде последно барање и ќе ги заштити македонските интереси и посебност.

  • „Никој на овој народ не истапи од тие бирократи во Брисел и не му гарантира ниту идентитет, нити пак посебност, нити традиција, нити историја, нити јазик, ништо. И повторно не тераат да правиме национални отстапки без дополнителни гаранции, без јасни гаранции. Никој жив политичар во Македонија не треба повеќе да размислува за било какви национални отстапки кои што се поврзани во било какви уставни измени во Македонија“, додаде Мицкоски.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ уште еднаш повтори дека најдобриот излез за Македонија е што поскоро да се случат предвремени парламентарни избори. Актуелните преговори за влез на Алијанса за Албанците во владата и оценувањата кога едните бараат министерски позиции а другите не отстапуваат според Мицкоски е чин на лицемерие. Наместо да се преговараат за тоа, вели тој, нека излезат и нека понудат програма што ќе биде за македонскиот народ и неговите интереси.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста