Мицкоски не отстапува: Избори се единствениот излез за крај не прадавства и капитулациите на Македонија

Избори во мај се единствениот излез за крај на предавствата и капитулациите кои оваа власт и ги приреди на Македонија и македонските граѓани. Опозицијата не отстапува од своето барање за брзи предвремени парламентарни избори, за кои лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски предложи и датуми, 14-ти или 21-ви мај. Тој вели дека власта повлекува потези кои во ниту еден момент не ги ветила пред граѓаните.

-Не се менува тоа барање, апсолутно предвремени парламентарни избори се потребни за да тргне Македонија напред. Затоа велам да се обединиме околу тоа и да излеземе сите заедно да поддржиме предвремени парламентарни избори, кои што ќе се случат на средината или најдоцна во втората половина од мај оваа година. Затоа што ние не излеговме на избори ветувајќи им на граѓаните промена на Устав, не излеговме на излеговме на избори ветувајќи им на граѓаните капитулации и предавство, изјави Мицкоски.

Власта пак чиј рејтинг е во слободен пад не сака да слушне за избори годинава. Од СДСМ уште еднаш порачаа дека за нив предвремено изборно соочување ни под еден услов не е прифатливо, на избори ќе се одело во нивниот редовен термин.

-Предвремени избори нема да има. Членството во ЕУ со признаен македонски јазик и идентитет е врв на патриотизам и исполнување на стратешка цел поставена од независноста. Предавство е да се лаже својот народ, да се блокира европскиот пат и признавањето на македонскиот јазик и идентитет во големото семејство на европски народи, велат од СДСМ.

Ставот на партијата претходно го кажа и нејзиниот претседател, премиерот Димитар Ковачевски, 2023-та според него не била година за избори, туку била година за големи одлуки во Собранието, каде власта по секоја цена сака да протурка промена на Уставот и внесување на Бугарите во него.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста