Мицкоски: Економијата е пред колапс поради нерационалните трошења на Владата

Поради нерационалните трошења на Владата, економијата е пред колапс – обвини лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Според него, економијата влегува во се потешка фаза, а стотици граѓани живеат со помалку од 50 денари дневно. Сиромаштијата, пак, дополнително ќе растела поради повисоките цени на струјата кои го оптоваруваат животниот стандард на населението. Мицкоски обвинува дека поради серијата погрешни одлуки и нерационалното трошење на еврообврзницата насочена кон предизборен поткуп на гласачите, банкарскиот и финансискиот сектор бил пред распад. Владата ги задолжила граѓаните и стопанството за една милијарда евра, што пак придонесе за историски највисок јавен долг од 6 и пол милијарди евра, односно 60% од БДП, како и буџетски дефицит од дури 520 милиони евра за 7 месеци.

– Цела една милијарда евра е задолжена Македонија, македонските семејства за само еден квартал, вториот квартал. Или секое македонско семејство само во еден квартал, оваа Влада, ресорниот министер, Владата предводена од СДСМ, Зоран Заев, Оливер Спасовски го задолжи за повеќе од 120 илјади денари само за еден квартал, а тоа е вториот квартал 2020 година – вели Мицкоски.

Според Мицкоски, црвените линии се одамна поминати. Пропаднале плановите и за стабилизирање на јавниот долг  и за умерен буџетски дефицит. Сите бројки покажувале дека економијата тоне. Индустриското производство за 6 месеци се намалило за 14,6%, а бројот на работници во индустријата бил помал за 4,4% споредено со истиот период лани. Мицкоски вели дека лошите бројки се реалност и кога е извозот во прашање. За 6 месеци, извозот забележал опаѓање за 22%, а увозот бил помал за 18 отсто.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста