Мицкоски: ДУИ влезе во пакт со Бугарија и го предаде македонскиот народ, со францускиот предлог единствен губитник ќе биде Македонија

После фотосесијата во Брисел единствен губитник ќе биде Македонија, македонскиот народ и граѓаните на Македонија, вели во интервју за весникот вечер лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски. Потенцира дека за разлика од нас, Албанија реално ги старлувала преговорите, додека пак Македонија ќе мора да го промени уставот за да започне преговори со ЕУ.  

-За жал, после таа фотосесија, единствен губитник ќе биде Македонија, македонскиот народ и граѓаните во Македонија. Дури и Албанците во Македонија нема да одат напред, ќе одат Албанците во Албанија затоа што тие ќе си преговараат, ќе си ги отворат кластерите, и зависи сега од нив со која брзина ќе напредуваат. Но Албанците во Македонија, македонскиот народ, повторно ќе бидеме во ходник и ќе седиме на магарешка клупа и ќе чекаме некој нов услов да се исполни, а тоа е условот промена на Устав, а дури потоа да ни биде поставена преговарачката рамка, вели Мицкоски.

Мицкоски потенцира дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и оние кои не се согласуваат со францускиот предлог, се оние кои ги чуваат македонските национални интереси. Според него, ДУИ гледајќни го интересот на Албанија направиле пакт со Бугарија контра македонскиот народ.

-Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата што ја предводи и оние кои не се сложуваат со овој француски или последен модифициран предлог се чувари на македонскиот идентитет. Сега веќе работата апсолутно нема никакво значење. А дека ќе имаат од Бујар Османи и од тие негови соработници притисок, ќе имаат, и комисијата треба да знае дека ќе имаат, немам никаква дилема. Водството на ДУИ прави историска грешка, тие практично гледајќи го интересот на Албанија, влегоа во коалиција и пакт со Бугарија и Бугарите, и ги продадоа интересите на македонскиот народ и нивните сограѓани во Македонија, и на тој начин оставија трајна рана во нашата колективна меморија и тоа нема да го заборавиме, изјави Мицкоски.

Опозицискиот лидер говореше и за можните коалиони комбинаторики ако ВМРО-ДПМНЕ победи на парламентарни избори. Вели време е ДУИ да замине во опозиција, но не ја исклучува можноста за коалиција доколку интегративците бидат убедливи победници во албанскиот политички блок.

-Доколку условно, ДУИ е политичката партија, којашто убедливо ќе победи, и нема никакви поинакви можности да се надомести условот Бадинтер, тогаш ќе седнеме и ќе разговараме и тука немаме никаква дилема, и на тој начин ќе го сочуваме идентитетот, но ќе побараме од ДУИ да се коригира во своите постапки затоа што јас сум убеден дека на следните избори ВМРО-ДПМНЕ, ќе има повеќе од 61 пратеник, односно ќе имаме самите мнозинство. Но ако имаме друга можност, сценарио кое јас го посакувам, со албанските опозициски партии и други политички партии, тогаш ДУИ редно време е после повеќе години на власт да замине во опозиција, вели опозицискиот лидер.

Мицкоски е сигурен дека ниту еден од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема да гласаат за уставните измени предвидени со францускиот предлог. Вели доколку падне Уставот, паѓа и македонскиот идентитет.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста