Мицкоски до Ковачевски: Не сум ти непријател, политичкото ривалство не е непријателство

Со порака дека политичкото ривалство не е непријателство и дека не му е непријател, лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, уште еднаш го повика премиерот Димитар Ковачевски да се вразуми. Порача дека единствен излез од катастрофалната ситуација во која се наоѓа Македонија се предвремени парламентарни избори, а дека двете најголеми политички пратии, се единствените кои можат да се договорат за најдоброто за државата.

-Јас очекувам Ковачевски да се вразуми и да разбере дека јас не сум му непријател, јас сум му можеби политички конкурент и ВМРО-ДПМНЕ можеби е политички конкурент на СДСМ, но ние не сме непријатели. Не постојат други актери освен ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ кои можат да се договорат за иднината на Македонија, нека не се залажува дека некој друг му го чува грбот, тој грб ќе му биде полн со ножеви, полн ќе му биде со ножеви. Немаме поголема цена од Македонија, изјави Мицкоски.

Од СДСМ остануваат на својот став дека не прифаќаат лидерска средба за предвремени парламентарни избори, поради што и дојде до активна блокада на Собранието од опозицијата. Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски порача дека избори нема да има пред 2024-та година.

-Ги повикувам сите пратеници од опозицијата кои што не се согласуваат со политиките на раководството на ВМРО-ДПМНЕ, да се одважат и да ја прекинат оваа работа што ја прават во Собранието овие два дена затоа што на крајот сето тоа што го прават е на штета на граѓаните, на штета на државата и на штета на интересот на граѓаните. Не можам да зборам за епилог, само ќе кажам и кажав и ќе повторам дека ќе направиме се што е во наша можност, се што предвидува во деловникот Собранието да не биде блокирано, како што треба да биде така, изјави Митревски.

Блокадата на Собранието ќе трае додека власта и премиерот Ковачевски не ја прифатат поканата за лидерска со цел закажување предвремени парламентарни избори. Ковачевски во моментов нема слух за опозициските барања.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста