Мицкоски бара избори на 14-ти или 21-ви мај, вели нема да попуштиме за Уставот

14 или 21 мај следната година се иделни датуми за одржување на предвремени парламентарни избори. Ова е ставот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кој смета дека ситуацијата во Македонија е алармантна и неодржлива. Христијан Мицкоски, на предновогодишен брифинг со новинарите, порача дека власта на СДСМ и ДУИ сериозно го поткопува функционирањето на институциите и дека мора се стави крај на тоа.

  • Потребно е рестартирање на системот. Состојбата во државата е неподнослива, состојбата во владејачките партии е неодржлива, пред се во СДСМ, ДУИ и Алтернатива. Мислам дека тоа е алармантно и го загрозува функционирањето на институциите, вели Мицкоски.

Мицкоски смета дека е недржавнички и недомаќински да се бега од избори и првин да се оди на претседателски а потоа на парламентарни, став кој го заговараат владејчките партии.

  • Во таков случај претседателските избори веројатно ќе намаат цензус и ќе бидат неуспешни, а функцијата претседател ќе ја извршува претседателот на Собранието. Тогаш ДУИ ќе има и шеф на државата и технички премиер согласно догворот со СДСМ. Не е добро таа политичка партија да има монопол, тоа е штетно и за меѓунационалните односи и за државата, вели првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ.

Лидерот на опозицијата е дециден – овој Парламент нема мандат да го чепка Уставот, а за францускиот предлог од бугарските условувања мора да се изјани народот или на референдум или на избори.

  • Ние во предизборната програма ќе понудиме решенија за Македонија, вклучително и за обврските кои стојат на патот кон ЕУ. На граѓаните јасно ќе им образложиме за што се залагаме и како ќе го направиме тоа, додава Мицкоски.

Анкетите покажуваат убедливо водство на опозициските пред партиите од власта, вели Христијан Мицкоски. Според последното истражување на јавното мислење за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 19.4%, за СДСМ 11.7%, за Левица 6.7%, за ДУИ 6.4%, за Алијанса 3.6%, а за Беса 1.7%. Истражувањето го направил ИПСОС за потребите на ВМРО-ДПМНЕ во периодот од 2 до 12 декември. На истата анкета 66% од испитаниците одговориле дека Македонија се движи во погрешна насока.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста