Миле Зечевиќ победник: Брат на еден од најблиските соработници на Бранко Црвенковски нов директор на АНБ

Миле Зечевиќ победник во внатрепартиската битка во СДСМ, нов директор на АНБ е Зарко Милошевски. Иако функцијата во АНБ треба да биде во рацете на непартиски човек, според информациите на Алфа, на местото на Виктор Димовски доаѓа и тоа како познат човек во СДСМ. Зарко е брат на Томе Милошевски, човек кој своевремено важеше за десна рака на Бранко Црвенковски во делот на безбедноста, а бил и помошник министер во МВР за обезбедување на ВИП личности и објекти.

И другиот брат на новиот директор на АНБ е функционер на СДСМ. Милан Милошевски 2003-та година од тогашниот премиер Црвенковски бил поставен за директор на ГТЦ, а во исто време бил и заменик претседател на управниот одборна клинички центар и член на надзорниот одбор во Македонски Железници.

Владата информира  дека новиот шеф на Агенцијата за националба безбедност до сега бил помошник директор на агенцијата за безбедносни проверки и НАТО регистар во АНБ.

-Милошевски е посветен, доверлив и долгогодишен професионалец кој својата кариера во безбедносните служби ја започнува во 1997 година во тогашната Управа за безбедност и контраразузнавање при МВР, а неговата експертиза оттогаш до денес, кога е во Агенцијата за национална безбедност е во полето на спротивставувањето на насилен екстремизам, заштитата на уставното уредување како и во полето на спротивставувањето со тероризмот, информираат од Владата.

Од претходно беше познато дека четири клана во СДСМ, еден на Ковечвски, друг на Заев, трет на Спасовски и четвртиот, на крајот победнички на Миле Зечевиќ, бореа за позицијата директор во АНБ. Токму за ова реагираше и поранешната потпретседателка на СДСМ, Фросина Ременски, велејќи дека не смее да има никакво лицитирање со новиот шеф на АНБ. 

-Оваа влада со која раководи претседател на партијата чиишто член сум не смее да лицитира и да го “дава под закуп” челното место на институцијата (АНБ) која се роди по големата хаварија со прислушкувањето, масовното кршење на човековите права и реформата на УБК која транзитираше кон берзата која ја гледаме изминатите месеци, порача Ременски.

Веќе е познато дека власта го планира досегашниот директор на АНБ за нов амбасадор во Франција. Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојаноска, смета дека јасна е намерата на власта да го амнестира Димовски, со цел без проблеми да го прати во Париз.

-Би се вратила наназад и би се посомневала и во оној чин кога се случи она скандалозно одење во живо на почетокот на оваа иста свикана седница, дека тоа можеби било обид да се купи во време, бидејќи ако се сеќавате дека премиерот најави дека точно за 24 дена дека ќе има ново лице на место на функцијата на Виктор Димовски, изјави Стојаноска.

Иако веќе и официјално не е на функцијата, пратениците ќе го чекаат Виктор Димовски да дојде во Собранието и да одговори на отворените прашања, со цел расветлување на случајот со украинскиот олигарх Олександр Онишченко.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста